Подземни води, надземен хаос – Водно не ја издржува урбанистичката анархија

0

Според деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски,  уривањето на потпорниот ѕид и последното лизгање на земјиштето кај улицата „Белградска“ и „Партенија Зографски“ на Водно меѓусебно се поврзани. – На еден поширок дел на таа локација има изградено повеќе објекти, кои доведуваат до вакви состојби. Тоа, освен хотелот „Тасино чешмиче“, е и објектот „Кај баба Цана“. Веднаш погоре се направени нови габаритни објекти. Сите заедно предизвикуваат опасност. Така, со уривање на косината, би се загрозиле соседните објекти што гравитираат на таа локација. А тоа е резултат само на тоа што не се следат правилниците за проектирање. Потребни се системски мерки и контрола. Урбанистичкиот хаос е стара и болна тема на Скопје. Јас не верувам дека поминала инспекција да ги провери градбите што ги наведов – дециден е Јосифовски

 

Дозволувањето да се гради, и тоа неплански, на места какво што е Водно, повторно ја исфрли на површина старата болка. Последното случување со лизгање на земјиштето на Водно, кај улицата  „Белградска“ и „Партенија Зографски“, ги разбуди за кратко надлежните од зимскиот сон, кој повторно го продолжуваат, без притоа да водат сметка за последиците од дозволената неконтролирана градба. Се одржа итна средба во Центарот за управување со кризи, се донесоа заклучоци, но засега ништо од тоа не се спроведува на терен. Истото се случи кога падна потпорниот ѕид кај Клиниката за детски болести. Институциите си ја префрлаа надлежноста една на друга, а проблемот и понатаму остана да виси нерешен.

Според деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, во последниот случај се работи за приватен имот на кој без дозвола на сопственикот, не може да се пристапи.

– Објектот е хотелот „Тасино чешмиче“, кој во задниот дел има засек, косина што ја направил тој за да обезбеди паркинг за гостите. Во       2022 година, Градежниот факултет изработи стручно вештачење токму за таа косина, по налог на Основниот суд Скопје. По две години, се урна потпорниот ѕид што граничи со Клиничкиот центар, што е многу битно за стабилноста на теренот. За жал, ништо не е променето, проблемот не е решен. Сега дури е и полошо. ИЗИИС, пак, уште во 2018 година, по барање на Општина Центар, подготви извештај за состојбата на локацијата. Двата документи недвосмислено укажуваат на истото: прекумерната изграденост без соодветни заштитни мерки го прави теренот високоризичен и создава реална опасност за посериозно свлекување, кое може да ги зафати околните објекти – нагласи Јосифовски.

Тој вели дека се поврзани тие две случувања меѓу себе.

– На еден поширок дел на таа локација има изградено повеќе објекти, кои доведуваат до вакви состојби. Тоа, освен хотелот „Тасино чешмиче“, е и објектот „Кај баба Цана“. Веднаш погоре се направени нови габаритни објекти. Сите заедно предизвикуваат опасност. Така, со уривање на косината, би се загрозиле соседните објекти што гравитираат на таа локација – објаснува Јосифовски.

Тој додава дека тие, како институција, се подготвени да излезат на терен.

– Направивме координација, тим да донесе извештај и да ги констатира следните мерки на дејствување: да бидат поделени во две групи, да се интервенира и да се отстрани најдиректната опасност, а паралелно да се изготви проектна документација за санација. Но, потребно е писмо од Владата со кое би ни се дозволил пристап на локацијата, кое сè уште не сме го добиле – истакна Јосифовски.

Тој вели дека е неопходно системско решение.

– На состанокот во ЦУК, јас предложив да се формира поголема комисија која ќе ги прегледа сите слични појави и проблеми што се поврзани со водите, било да се тоа атмосферски или подземни, бидејќи во сезона на врнежи тие се актуализираат.  А тоа е резултат само на тоа што не се следат правилниците за проектирање.      Потребни се системски мерки и контрола. Урбанистичкиот хаос е стара и болна тема на Скопје. Јас не верувам дека поминала инспекција да ги провери градбите што ги наведов – дециден е Јосифовски.

За тоа дали се преземаат некакви активности за да се санира појавата на свлекување на земјиштето на Водно, од ЦУК рекоа дека одговор за тоа треба да дадат од Општина Центар.

Од Општината повторија дека минатата недела во ЦУК бил одржан работен состанок на сите надлежни институции, на нивна иницијатива, на кој биле донесени заклучоци, кои Центарот за управување со кризи ги доставил до Владата со цел да се обезбедат технички и правни услови за превенција на активирање на свлечиштето на Водно.

– Во моментов се чека на повратен одговор од Владата. Санирањето на потпорниот ѕид на Детската клиника, пак, е во надлежност на Министерството за здравство – истакнаа од Општина Центар.

(А. П.) 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ