Во Загреб започна нова фаза од рушењето на поранешниот комплекс „Вјесник“, еден од најпрепознатливите симболи на хрватската новинарска и издавачка индустрија, кој беше уништен во катастрофален пожар на 17 ноември минатата година.
Облакодерот е висок 67 метри, има 16 ката и се наоѓа на раскрсницата на Савска цеста и Славонска авенија. Изграден во 1972 година според проект на архитектот Антун Улрих, тој беше еден од најмодерните облакодери во Европа во тоа време. Зградата беше седиште на весникот „Вјесник“ и во неа беа сместени канцелариски простор, редакции, печатница и дистрибуција.
Министерството за просторно планирање, градежништво и државен имот објави дека денес на градилиштето Вјесник се изведуваат работи за отстранување на северните конзоли до 7-ми кат, со цел да се растовари конструкцијата и да се овозможи пристап на машините до неа за да се започне со отстранување на самиот облакодер.












