Започна целосна реконструкција на мултифункционалното игралиште и детското катче лоцирани кај трим патеката во населбата 11 Октомври – згради, со што младите од овој дел на Кисела Вода добиваат современ спортско-рекреативен простор.
Од Општина Кисела Вода информираат дека со реконструкцијата се предвидува поставување нов полипропиленски под, ист како оној што се користи на летните Олимписки игри, а ќе се изградат и трибини, ќе се постават нови кошеви и фудбалски голови. Во исто време, темелно ќе се обнови и постојното детско катче, кое беше во руинирана состојба и небезбедно за користење.
-По завршувањето на проектот, оваа локација ќе се трансформира во модерен комплекс за спорт, рекреација и безгрижна детска игра – потенцираат од локалната самоуправа.
Реконструкцијата е заедничка инвестиција на Општина Кисела Вода и Министерството за спорт.
-Поддршката и мотивацијата на младите да живеат здраво и активно, секогаш е во нашиот фокус. Токму затоа посветуваме значаен дел од ресурсите во спортската инфраструктура во нови или реконструирани терени и игралишта, што е инвестиција во здрави генерации. За многу скоро од денес, дечињата добиваат уште едно ново катче каде што ќе го поминуваат своето време во непречена детска игра и смеа. Создаваме спортско-рекреативен простор за младите од овој дел на Кисела Вода каде што ќе можат да се дружат, рекреираат, спортуваат и да учат важни животни вештини преку игра – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.