Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска го означи почетокот на комплетната реконструкција на мултифункционалното игралиште во општина Теарце.
Новиот спортски комплекс ќе располага со фудбалски терен, терен за кошарка и фитнес-зона на отворено, создавајќи простор за спорт и рекреација достапен за сите генерации.
– Нашата цел е спортот да биде достапен за секого – и во малите и во големите општини. Со изградбата на вакви мултифункционални игралишта им овозможуваме на младите и на сите граѓани да ја развиваат својата спортска активност во современи услови. Верувам дека токму ваквите вложувања ќе придонесат спортот и физичката активност да станат секојдневна навика и начин на живот – истакна Ристовски.
Министерството за спорт во изминатите 15 месеци изгради и обнови повеќе од 30 мултифункционални игралишта низ целата држава. Програмата продолжува и во наредниот период, кога ќе бидат реализирани нови проекти за изградба и реконструкција на современи спортски терени, со јасна цел – спортот да биде достапен за сите граѓани во секој град и во секоја општина.