Општина Илинден започна со изградба на капела во локалните гробишта во месноста викана Јака, во населеното место Марино. Станува збор за значаен инфраструктурен проект, кој за првпат обезбедува објект од ваков вид на територијата на oпштина Илинден.
-Новата капела ќе придонесе за подобро уредување и функционално унапредување на просторот на локалните гробишта, обезбедувајќи соодветни и достоинствени услови за верските и комеморативните обреди – соопштија од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакна дека објектот ќе располага со капела за изложување на покојникот, комора со четири фиоки за чување напокојниците, два тоалета, административна и помошна просторија, како и свеќарница.
-Просториите се проектирани така што истите обезбедуваат соодветни услови за прием, чување и достоинствено испраќање на покојниците, како и за извршување на неопходните придружни и административни работи – изјави Георгиевски.
Според општинските власти, со реализацијата на овој проект, Општината одговара на конкретните потреби на локалното население и создава подобри услови за семејствата во ваквите особено тешки моменти.
Изградбата на капелата е дел од континуираните активности на Општина Илинден за реализација на капитални и комунални проекти насочени кон подобрување на јавната инфраструктура.












