Милан Паниќ, поранешен премиер на Сојузна Република Југославија и американски бизнисмен со српско потекло, почина на 24 септември во Пасадена, Калифорнија, на 97-годишна возраст.

Веста за неговата смрт беше објавена на меморијалната страница посветена на Паниќ, а беше потврдена и од регионалните медиуми. Милан Паниќ, претприемач кој ја основаше компанијата „ICN Pharmaceuticals“, e поранешен премиер на Југославија, ветеран од Втората светска војна и шампион во велосипедизам.

Паниќ е роден на 20 декември 1929 година во Белград. За време на Втората светска војна учествувал во движењето на отпорот, а по војната се занимавал со натпреварувачки велосипедизам, настапувајќи на меѓународни натпревари.

Во 1950-тите години ја напуштил тогашна Југославија и заминал за Соединетите Држави. Во 1959 година ја основал фармацевтската компанија „ICN Pharmaceuticals“ во Калифорнија; во текот на наредните децении, таа прераснала во меѓународна компанија. Паниќ ја извршувал функцијата претседател и извршен директор на компанијата.

Во политичкиот живот на тогашна Југославија се вратил во раните 1990-ти години. На предлог на претседателот на Сојузна Република Југославија, Добрица Ќосиќ, во јули 1992 година станал сојузен премиер. Ја извршувал оваа функција до февруари 1993 година – период одбележан со војни низ поранешна Југославија, меѓународни санкции и тешка економска криза.

Кон крајот на 1992 година, Паниќ се кандидирал и на претседателските избори во Србија, како противкандидат на Слободан Милошевиќ. Настапил како независен кандидат со поддршка на опозициската коалиција ДЕПОС. Милошевиќ победил на изборите, додека Паниќ освоил околу една третина од гласовите. Сепак, тој набрзо се вратил на своите деловни активности во САД, но често јавно го критикуваше Милошевиќ. Подоцна се занимавал со хуманитарна работа и јавно се залагал за мир и демократија на Балканот.

Паниќ ќе остане запаметен и како еден од ретките американски бизнисмени кои презеле една од највисоките политички функции во поранешна Југославија во текот на раните 1990-ти години.

Своевремено се ширеа гласини дека тој ја изнајмил својата куќа во САД за снимањето на серијата „Династија“

Иако медиумите тврдеа дека познатата серија „Династија“ – која беше исклучително популарна во Југославија – се снимала во куќата на овој бизнисмен, се покажа дека таа информација е неточна. Вилата на Паниќ се наоѓала во непосредна близина на куќата каде што всушност се снимала серијата.

Според американските сајтови за недвижности, Паниќ поседува вила во Пасадена, на адреса „Арден Роуд“ бр. 1150, додека ентериерот на вилата на истата улица – на бројот 1145 – се појавуваше во хит-серијата во текот на две сезони.

ИЗДВОЕНИ