четврток, февруари 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Почина маж од Тетово по компликации од грип, состојбата со вирусот се...

Почина маж од Тетово по компликации од грип, состојбата со вирусот се смирува

87

Во текот на изминатата недела во Македонија е регистриран уште еден смртен случај поврзан со компликации од грип. Станува збор за 62-годишен маж од Тетово, кој бил хоспитализиран на инфективното одделение во тетовската клиничка болница. Кај починатиот биле утврдени повеќе хронични заболувања, не бил вакциниран против сезонски грип, а лабораториски е потврден вирусот инфлуенца А (H3).

И покрај овој случај, состојбата со грипот во земјава покажува тренд на смирување. Според Институтот за јавно здравје, во периодот од 26 јануари до 1 февруари, односно во петтата недела од 2026 година, пријавени се 1.498 случаи на грип и заболувања слични на грип. Тоа е за над 12 проценти помалку во споредба со претходната недела и речиси двојно помалку во однос на истиот период лани.

Активноста на вирусот во моментов се оценува како ниска, но грипот и понатаму е присутен во повеќето делови од државата. Најмногу заболени има во Скопје, Прилеп и Струмица, додека во Берово, Делчево и Крива Паланка минатата недела не е пријавен ниту еден случај.

Најмногу заболени се лица на возраст од 15 до 64 години, но највисока стапка на заболување и натаму се бележи кај најмалите деца, на возраст до четири години. Висока активност на грипот е регистрирана во Охрид, Дебар и Гевгелија, додека во поголем дел од земјата активноста е сезонска или средна.

Од почетокот на сезоната досега, вкупно се регистрирани 11.415 случаи на грип и заболувања слични на грип, а бројот на починати лица поврзани со грип изнесува четири. Од Институтот за јавно здравје повторно апелираат граѓаните, особено хронично болните, постарите и родителите на мали деца, навреме да побараат лекарска помош и да не го потценуваат грипот.

ИЗДВОЕНИ