Оклахома сити тандер ја почна новата НБА-сезона со победа од 116:104 над Сан Антонио спарс, на натпревар исполнет со возбудувања, доминација и со жесток судир меѓу кошаркарите. Шај Гилџес-Александер беше предводник на актуелниот шампион со 32 поени, додека Џеред Мекејн блесна со 20 поени и шест погодени тројки од осум обиди.
Оклахома направи клучна разлика во втората четвртина, кога со серија од 13:0 стигна до убедливи 59:33, а на полувремето водеше со 65:44. Сан Антонио се обиде да се врати во игра и со серија од 23:9 ја намали негативата, но домаќините успеаја да ја задржат контролата и да стигнат до триумфот.
Во центарот на вниманието се најде и Виктор Вембањама, кој имаше вечер за заборав со само 12 поени и катастрофален шут од поле – еден погодок од 13 обиди. Дополнителна тензија донесе инцидентот меѓу Деарон Фокс и Чет Холмгрен, по кој настана турканица меѓу играчите, па судиите мораа да доделат неколку технички грешки.











