Новото правило за користење на зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје е под лупа на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Од КЗК информираат дека Комисијата за одлучување по прекршок врши анализа на новововедениот режим, според кој бесплатниот престој до 10 минути е дозволен само еднаш во период од 24 часа со исто возило.
Новото правило стапи во сила од 1 септември, а од ТАВ Македонија велат дека зоната и понатаму останува бесплатна за кратко запирање, односно за оставање или преземање патници. Промената е во тоа што исто возило не може повеќепати во текот на 24 часа да ја користи бесплатната можност.
Одлуката се спроведува преку систем за автоматско препознавање на регистарските таблички. Од ТАВ објаснуваат дека целта е да се спречи злоупотребата на зоната, да се намали метежот пред терминалот и да се овозможи полесно одвивање на сообраќајот, особено во периодите кога на аеродромот има голем број патници.
Но, токму новото ограничување сега го проверува КЗК. Од Комисијата велат дека сакаат да утврдат дали условите под кои функционираат различните такси-превозници, заедно со фактот дека постои посебно овластен аеродромски такси-оператор, можат да влијаат врз конкуренцијата и пристапот до аеродромската инфраструктура.
КЗК ќе проверува дали правилото е оправдано и пропорционално, каков е неговиот ефект врз такси-превозниците и дали сите учесници на пазарот имаат еднакви и недискриминаторски услови за пристап до зоната. Имено, такси-превозниците повеќепати во текот на денот носат или земаат различни патници од аеродромот и токму затоа КЗК ќе проверува дали новиот режим во пракса создава различни услови за различните такси-оператори и дали со тоа може да се наруши конкуренцијата.
Од Комисијата нагласуваат дека во оваа фаза не тврдат дека е направена повреда на правилата на конкуренцијата. Ќе бидат собрани и анализирани сите релевантни информации, по што ќе биде донесен заклучок за евентуалните понатамошни чекори.
За обичните патници, правилото значи дека ако некој со автомобил го остави или земе патник на аеродромот и ја искористи бесплатната зона до 10 минути, истиот автомобил нема повторно да може бесплатно да влезе во „Hug & Fly“ во следните 24 часа. Доколку на возачот му треба подолго задржување или мора повеќепати да доаѓа на аеродромот во текот на денот, од ТАВ го упатуваат на главниот паркинг пред терминалната зграда. Паркингот располага со 1.200 места за автомобили и шест места за автобуси.
(С.Бл.)












