По фолк-хитот „Ангела“, Зоран Ванев ни се врати со макфестовската поп-балада, „Душо моја“

26

Штипјанецот Зоран Ванев, по подолгата пауза што ја направи на естрадата, минатиот викенд се врати на сцената. Сè уште физички одлично изгледа, а женската публика го памти како голем срцекршач. Но, сите обожаватели го памтат, пред сè, по многу убави песни. Македонската песна „Ангела“ ќе остане да се слуша, како некој фолк-евергрин. Сепак, целиот Балка го препознава по хитот „Јужна пруга“, кој го испеа на српски јазик и со кој се најде на самиот врв на многубројни топ-листи. Но, исто така, тука е и песната „Лила, Лила“.

Иако го знаеме како одличен фолк-пејач, Ванев на 40. издание на „Макфест“ уште поодлично ја испеа емотивната поп-балада „Душо моја“. Секако, во својот роден град Штип, но во кој одамна не живее, предизвика вистински овации од страната на публиката, но и долги аплаузи од страна на новинарите, во фестивалската сала „Ацо Шопов“.

Ванев веќе неколку години живее во Швајцарија каде што работи како доктор по природна медицина. Со текот на времето успеа да стане високопочитуван доктор. Неговата диплома му е признаена насекаде низ светот. Дипломирал на Академијата за Алтернативна медицина „Парацелсус“  во Цирих. Ретко кој знае дека Ванев има возрасен син. Неговиот син Ник (или по нашки, Никола) е успешен ракометар и игра за ракометниот клуб од Цирих „Амичита“. Треба да се истакне и тоа дека Зоран е долги години во среќен брак.

Иако во музиката не е активен како некогаш, музиката никогаш не излезе од него. Потврда е и овој успешен фестивалски „кам-бек“. Сега настапува само таму каде што тој ќе процени дека му е мило да пее. Не прифаќа сè и сешто, бидејќи навистина нема потреба од тоа.

Се случува одвреме-навреме да е на некоја турнеја, и тоа најчесто во македонската дијаспора. Приватно, обожава лето, море, сонце, плажа, семеен одмор. Секогаш кога има слободно време, Ванев не пропушта да е во некое егзотично туристичко место со атрактивната сопруга Лидија. Оттаму со задоволство објавува свои интересни фотографии.  (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ