Прво договор за тоа кои актуелни министри да се збогуваат со своите функции, а потоа договор за распределба на ресорите и кои да бидат нови членови на владиниот кабинет. Договарањата на владините партнери треба да стартуваат во втората половина од јуни. Ваква најава денеска даде премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања врзани за очекуваните промени во неговиот кабинет. За време на престојот во скопската општина Карпош, тој рече дека во првата половина од месецов ќе се занимава со внатрепартиските промени во ВМРО-ДПМНЕ. Познато е, во претстојниот период, владејачката партија треба да го заврши изборот на околу четириесетина претседатели на општинските партиски комитети, како и на првите луѓе во партиските организации на млади, ветерани и жени.
– Во втората половина на јуни, седнуваме со партнерите од коалицијата за да разговараме како понатаму, така што мислам дека ќе имаме формат во втората половина од јуни – изјави Мицкоски.
Прашањето какви сè промени ќе се случат на досегашната распределба на министерските ресори и кои од кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и на ЗНАМ ќе се најдат во нив, деновиве предизвикува бројни шпекулации во јавноста. Премиерот денеска веднаш ја расчисти дилемата околу улогата на Движењето ЗНАМ од чии редови замина еден пратеник со изјавата дека „такво нешто се случувало и кај другите партии“.
Според најавите, во втората половина на јуни се планира заедничка средба на претставниците на трите партнери. Од партиските извори се дознава дека прво ќе треба се дефинира во кои ресори треба да се изврши замена на министрите кои не задоволиле со својот ангажман. Потоа, на ред ќе дојде евентуална замена на ресорите меѓу партнерите и номинирањето на личностите кои би биле задолжени за нив. Околу тоа, во јавноста се множат калкулациите. Од редовите на Движењето ЗНАМ, последниве недели јавно изјавуваат дека се целосно задоволни од резултатот на нивните двајца министри – Игор Филков и Горан Минчев. Обединетата партија „Вреди“, деновиве, одржа состанок на кој позитивно бил оценет ангажманот на нивните министри во Владата и покрај фактот што дел од нив во кабинетите влегле на почетокот на годинава. Извесно е тоа дека актуелниот министер за социјална политика, Фатмир Лимани, и вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, веќе нема да бидат претставници на „Вреди“ во владиниот кабинет. Фетаи завчера и официјално поднесе оставка, од чија содржина може да се насети дека се подготвува за нов ангажман во Белгија, како што претходно се договарал со премиерот Мицкоски.
– Службата на јавниот интерес не завршува со функцијата. Напротив, таа продолжува секаде каде што има потреба од интегритет, храброст и од слободни гласови во одбрана на заедничкото добро – наведе Фетаи.
Во дел од медиумите почна да се шпекулира дека министерот Фатмир Лимани би можел да добие нов ангажман, при што се спомнува позицијата министер без ресор, но и ресорот за односи меѓу заедниците. Од редовите на „Вреди“ и порано соопштуваа дека новата позиција за Лимани не може да се бара во ресорите кои тие ги извршуваат, туку дека тоа е грижа на премиерот и на ресорите кои ги имаат останати партнери во владата. Се наведува и тоа дека владејачката партија е заинтересирана да го добие ресорот здравство во кој сега е Азир Алиу, а дилемата е дали во редовите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ има желби да се преземе и ресорот правда, со оглед на критиките кои се упатувани кон актуелниот министер. Калкулациите што се наведуваат се и тие дека „Вреди“ била подготвена да се откаже од ресорот здравство, но за возврат да се добие Министерство за образование и наука или, пак, за правда.
Во изминативе две години имаше неколку промени во владиниот кабинет. Една година по формирањето, од него замина Арбен Таравари, кого го замени Азир Алиу, а по локалните избори Изет Меџити го замени Мухамед Хоџа, а наместо Орхан Муртезани за европски прашања беше задолжен Беким Сали. (Б. Ѓ.)
Премиерот тврди дека Арбен Фетаи одел на работа
Коментирајќи ја оставката на вицепремиерот Арбен Фетаи, Мицкоски вчера ги демантираше наводите дека тој со месеци не одел на работа. На новинарско прашање врзано за недоаѓањето на работа на Фетаи, премиерот одговори со контрапрашање.
–Од каде знаете дека со месеци не доаѓал на работа? Вие ли го водите неговиот картон? Кога јас сум кажал дека не доаѓа на работа? Не, кога сум кажал? Не се сеќавам. Инаку, таа информација не е точна – изјави Мицкоски.












