Мечка повреди четири лица во станбена област во Фукушима во североисточна Јапонија во вторник. Ова е последен во серијата напади во дел од земјата каде што мечките сè повеќе влегуваат во населени области во последните години, пренесува Еуроњус“. По извештајот од фабриката за челик Фукушима за напад врз двајца вработени, полицијата и пожарникарите се упатија кон местото на настанот во областа Сасакино.
Снимките од безбедносните камери покажуваат црна мечка како брка вработен во близина на влезот. Додека маж во дваесеттите години се обидува да избега, мечката го соборува на земја. Потоа животното влегло во фабричкиот комплекс и повредило друг работник, маж во шеесеттите години. Потоа мечката нападнала трето лице, вработен во друга компанија, исто така во шеесеттите години. Противпожарната служба на градот Фукушима извести дека е повредена и 80-годишна жена од соседството. Тројца мажи се здобиле со полесни повреди, а една жена се здобила со умерени повреди, но ниту една не е опасна по живот.
クマが工場の敷地内に…
従業員ら襲われ4人けが【福島】クマって想像以上にすばしっこいな😨 pic.twitter.com/WDP0bWdebZ
— サナエトしんじろう (@24chokemaru) June 2, 2026
До вторник попладне, мечката не беше фатена. Се верува дека е во комплексот на друга компанија, кој е опкружен со полиција. Две училишта во близина се затворени, вклучувајќи го и основното училиште Нода, кое одржуваше настава преку интернет и издаде предупредување до жителите да „избегнуваат непотребни излегувања и да останат безбедни“.
Нападот ги вознемири жителите и ги оживеа стравовите од минатата година, кога војската беше повикана да се справи со нападите на мечки на северот од земјата.
Во префектурата Акита, минатата година беа нападнати повеќе од 60 лица, од кои четворица починаа. Според Министерството за животна средина на Јапонија, 2025 година беше рекордна година со повеќе од 230 напади на мечки, во кои 13 лица ги загубија животите.
Експертите велат дека зголемениот број напади на мечки се случува во регион со брзо стареење и намалување на населението, и помалку луѓе обучени да ловат животни. Во март, јапонската влада ја процени популацијата на мечки на околу 57.800 и усвои план за управување со кој се бара систематско намалување на нивниот број.












