петок, октомври 23, 2026
Дома СВЕТ По демонстрациите проследени со насилство: Средба на Макрон со организации на средношколци...

По демонстрациите проследени со насилство: Средба на Макрон со организации на средношколци во Елисејската палата

0
Фото: EPA/MOHAMMED BADRA

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во 15:00 часот во Елисејската палата ќе прими средношколци и претставници на средношколски организации, за да ги слушне нивните барања и загрижености по демонстрациите проследени со насилство, соопшти синоќа француското претседателство.

Според извештаите, на средбата ќе присуствуваат членови на големи ученички здруженија – кои застапуваат различни ставови – како и претставници од Академските совети за ученички живот (CAVL), пренесува „Ле Фигаро“ (Le Figaro).

По средбата, ученичките организации ќе одржат прес-конференција во близина на Елисејската палата, се додава во соопштението.

За утре, 24 октомври, во Франција се закажани нови протести – најмногу во Париз, но и во други големи градови како Марсеј, Лион, Ница и Бордо.

Бранот масовни протести започна кон средината на септември, поттикнат од локален штрајк и немири меѓу учениците и наставниците во едно средно училиште во сиромашно предградие на Париз. Незадоволството се однесуваше на лошите услови во образовниот систем, хроничниот недостиг на наставници, пренатрупаните училници и дотраените училишни објекти.

Оттогаш, протестите се проширија во средните училишта и на универзитетите низ целата земја, придружени со масовни блокади и судири со полицијата.

Кон демонстрациите се приклучија и синдикати, родители и активисти од поранешното движење „Жолти елеци“. Првичните барања за реформа во образованието се проширија во големи улични протести против високите трошоци за живот, растот на цените на горивата и владините мерки за штедење.

 

ИЗДВОЕНИ