Европската Унија ги повика властите во Србија да ја прекинат практиката на доделување државјанство преку забрзана или поедноставена постапка на граѓани на земји кои претставуваат ризик од нелегална миграција или безбедносен ризик за ЕУ, меѓу кои е и Русија.
Тоа го изјави портпаролот на Европската комисија за РСЕ коментирајќи ја неодамнешната посета на министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на Русија. Прашањето за доделување државјанство е во надлежност на Министерството за внатрешни работи.
Според тој функционер, ЕУ е запознаена со официјалната посета на Дачиќ на Москва минатата недела, за време на која тој најави продолжување на интензивната соработка меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји. Посетата беше остварена само една недела пред вонредните парламентарни избори во Србија, што ќе се одржат на 25 октомври.
Портпаролот на Европската комисија истакна дека ставот на Брисел кон партнерите, вклучувајќи ги и земјите кандидати како Србија, отсекогаш бил јасен.
„Односите со Русија не можат да бидат нормални, ниту со режимот на Путин, ниту во сенка на неиспровоцираната и неоправдана војна на агресија на Русија против Украина“, изјави тој за РСЕ/РЛ.












