Советот на Општина Кратово, на предлог од градоначалникот Тодорче Николовски, едногласно донесе одлука за доделување еднократна парична помош како стимул за учениците што ќе се запишат во прва година средно образование во Општината.
Со одлуката, за учениците запишани во прва година гимназиско образование е предвидена еднократна финансиска поддршка во износ од 9.000 денари. За учениците што ќе се определат за секторот угостителство и туризам, односно образовниот профил хотелско-ресторански техничар со зголемен фонд на практична настава, Општината ќе додели еднократна субвенција од 3.000 денари.
– Дополнително, учениците запишани во овој профил, како дел од дуалното образование, кои ќе ги исполнат условите, ќе добиваат месечна стипендија од 3.500 денари во текот на девет месеци, обезбедена од Владата и од Министерството за образование и наука – информираат од Општина Кратово.
Од локалната самоуправа посочуваат дека мерката е дел од заложбите за задржување на младите во Општината, поттикнување на нивното образование и професионален развој во сопствената средина.












