По 5.000 денари на 213 лица со попреченост

1

На 213 лица кои се јавиле на јавниот повик, Општина Карпош ќе им додели еднократна парична помош во висина од 5.000 денари, соопштија вчера од локалната самоуправа на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Оттаму велат дека во текот на целата година континуирано водат грижа за оваа ранлива категорија на граѓани преку низа активности за подобрување на статусот и нивно интегрирање во заедницата.

Општината им помага на овие лица и со еднократна парична помош за бањско лекување, рехабилитација или набавка на соодветни лекови или помагала, како и со пакети со храна и хигиенски производи. За да го олесни нивното движење, локалната самоуправа има поставено пристапни рампи на повеќе локации низ општината, како и во сите детски градинки и основни училишта. Oтворени се и неколку инклузивни игралишта за дечињата со попреченост, Општината поддржува разни манифестации, настани, работилници и други активности во соработка со различни институции и невладини организации, кои ги вклучуваат лицата со попреченост и го поттикнуваат процесот на инклузија.

Како посебно важен од Општината го истакнуваат Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска Банка, во чии рамки Општина Карпош ја воспостави социјалната услуга во заедницата, односно центарот за дневен престој – „Центар за стручна помош и поддршка на деца со попреченост и нивните семејства – Мопи“. Станува збор за социјална услуга која е наменета за дечињата со попреченост и развојни тешкотии на возраст од 2 до 10 години, со приоритет на децата од општина Карпош.

ИЗДВОЕНИ