Работилниците се корисни за лицата со физичка попреченост, а придобивките од плетење се големи. Нашите истражувања потврдија дека плетењето го подобрува крвниот притисок, се зголемува вештината на прстите и на рацете, ја намалува хроничната болка, а од ментален аспект, плетењето овозможува насочување на активностите и оттргнување на мислите од негативен амбиент. Плетењето го стимулира лачењето на серотонинот и на допаминот, кои овозможуваат радост, среќа и успех, го намалуваат стресот и ја отстрануваат анксиозноста – истакна професор д-р Сашо Кочанковски, психолог и гешталт терапевт
Здружението на лица со телесен инвалидитет од Битола, Демир Хисар и Ресен, „Мобилност“, одржа работилница „Плетење со чингелаке“, на која експертите и членовите на здружението заклучија дека со плетење се развиваат вештини и се намалуваат стресот и негативните мисли.
Според професор д-р Сашо Кочанковски, психолог и гешталт терапевт, плетењето влијае на различни аспекти од животот на лицата со телесен инвалидитет, отстранува анксиозност, а со работа во група се овозможува меѓусебно охрабрување.
– Работилниците се корисни за лицата со физичка попреченост, а придобивките од плетење се големи. Нашите истражувања потврдија дека со плетењето се подобрува крвниот притисок, се зголемува вештината на прстите и на рацете, се намалува хроничната болка, а од ментален аспект, плетењето овозможува насочување на активностите и оттргнување на мислите од негативен амбиент. Плетењето го стимулира лачењето на серотонинот и на допаминот, кои овозможуваат радост, среќа и успех, го намалува стресот и ја отстранува анксиозноста – истакна Кочанковски.
Тој додаде дека плетењето, од социјален аспект, овозможува активност во група за поддршка каде што учесниците работаат заедно, меѓусебно се охрабруваат, а со производите од плетењето може да придонесат во заедницата, да донираат на лица на кои им се потребни шалови, блузи, чорапи, ракавици…
Иницијатори на креативната работилница беа Билјана Тодоровска и Симона Јовевска, членки на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“– Битола.
– Креативната работилница „Плетење со чингелаке“ е составен дел на серијата работилници што ги организира „Мобилност“, на кои се изработуваат обетки, накит и други ракотворби. Ние можеме и заеднички да плетеме и затоа набавивме разбој за плетење и успеавме, бидејќи нашите членки исплетоа шал и други производи. Но, најважна ни беше волјата на членовите да пробаат нешто ново и, што е најважно, се дружевме. Плетењето како плетење не е сувопарно, напротив, бегаат мислите, смирува или како што некој рекол – затоа што престанавте да плетете, затоа сте нервозни! Добро е да се плете бидејќи придонесува за смирување на целата психофизичка состојба, добро е за моториката на рацете, едноставно, плетењето е јога за мозокот – нагласи Тодоровска.
Симона Јовевска посочи дека лицата со инвалидитет може на плетењето да гледаат како на свое хоби, како на можност за исполнување на слободното време, но и на можност за развивање на моторните вештини и на подобрување на личната креативност.
Во работилницата „Плетење со чингелаке“ учествуваа лица со телесен инвалидитет од Битола, Куманово, Штип, Кочани, Ресен и Демир Хисар.












