Во Археолошкиот музеј во Созопол, Бугарија, на 6 јуни, со почеток во 20:00 часот, љубителите на уметничката музика ќе имаат ретка можност да уживаат во концертот на гудачкиот квартет предводен од Пламенка Трајковска, како дел од програмата на Интернационалниот фестивал на франкофонијата „Солеј“.

Концертот е насловен „Долго патување“ и претставува музичко истражување инспирирано од богатата балканска музичка ризница и од француската камерна традиција. На програмата ќе бидат изведени оригинални аранжмани за гудачки квартет, подготвени од Пламенка Трајковска, која настапува заедно со Милена Гиевска-Андоновска (виолина), Љубица Бошкоска (виола) и со Александра Јаневска (виолончело).

Фестивалот „Солеј“, кој се одржува од 2011 година во Созопол, е еден од највлијателните културни настани во регионот и обединува уметници од Франција, Бугарија, Македонија, Португалија, Белгија, Либан, Мароко и од други земји. Неговата програма вклучува концерти, изложби, филмски проекции, кулинарски презентации и интернационални работилници.

Пламенка Трајковска, истакната виолинистка со меѓународна кариера, и оваа година продолжува со активното присуство на балканската музичка сцена. „Балканско патување“, нејзиниот најнов проект, е замислен како музичка покана до слушателот да ги доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи преку современа интерпретација на традиционалните звуци, пренесени преку звучниот јазик на гудачкиот квартет.

Концертот се реализира со поддршка од Македонскиот културно-информативен центар во Софија и од Амбасадата на Македонија во Бугарија.

ИЗДВОЕНИ