Руската интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“, позната и како „Сатана II“, повторно доживеа неуспех за време на пробното лансирање. Хиперсоничниот проектил, честопати опишуван како „најсмртоносното оружје на светот“ и способен да носи нуклеарни боеви глави, експлодираше и се урна само неколку секунди по полетувањето во вторникот од полигонот Јасни во рускиот регион Оренбург, јавуваат странските медиуми.
Според достапните информации, „Сармат РС-28“ скршна од курсот, испуштајќи црни облаци од чад, пред огнените остатоци да се срушат на земјата. Ракетата падна во близина на лансирната рампа, создавајќи огромна огнена топка и испуштајќи необичен виолетов чад во небото.
The Sarmat ICBM had a failed launch. So much for Russia's so-called wonder weapon. They'd end up blowing themselves up. pic.twitter.com/Pvbun7AYRq
— PaulC (@PaulConRO) November 29, 2025
Ова е петтиот неуспешен пробен лет на стратешката ракета, која и задава главоболки на Москва. И за време на претходниот тест во септември 2024 година, ракетата експлодираше во космодромот Плесецк, околу 800 километри северно од Москва, оставајќи огромен кратер зад себе.
И покрај ова, рускиот претседател Владимир Путин пред само неколку недели изрази надеж дека „Сармат“ ќе биде подготвен следната година, велејќи: „Оваа година ќе го тестираме „Сармат“, а следната година ќе го распоредиме на борбена должност“.
Ракетата е долга 35 метри, има дострел од речиси 18.000 километри и лансирна тежина од повеќе од 208 тони. Дизајнирана е да носи повеќе нуклеарни боеви глави и да погодува цели во САД и Европа. Вјачеслав Володин, член на рускиот Совет за безбедност, претходно тврдеше дека ракетата може да го погоди Европскиот парламент во Стразбур за помалку од четири минути.












