Бурните реакции во јавноста по објавата на нашиот еминентен писател Венко Андоновски на социјалните мрежи за наводна негрижа за меморијалната поставка на нашиот книжевен гениј Петре М. Андреевски во неговата родна Слоештица, продолжуваат и вториот ден со несмален интензитет. Сепак, официјален став од семејството за весникот ВЕЧЕР не успеавме да добиеме и покрај нашите обиди и во текот на денешниот ден. Реакциите и натаму продолжија онаму каде што почнаа – на социјалните мрежи.
Став од синот на Петре М. Андреевски, уметникот Сергеј Андреевски изостана, но затоа, пак, на Фејсбук се огласи неговата сопруга, Ирена Андреевска, или како што самата се потпиша, Сергеица од Воденчаровци, со објава во која таа, обраќајќи му се на градоначалникот на Демир Хисар, посочува дека немале никаков одговор од локалните власти, иако претходно испратиле официјални дописи кои биле уредно архивирани.
„Од фотографиите од поставката е видно дека некој конечно влегол да зачисти (освен во фотошоп ако не се преработени), но изгледа не сте информирани дека најголемиот дел од артефактите (за коишто во ниту еден момент Општината не најде за сходно да направи записник!!!) се повлечени заради оштетување од влагата. Знаете ли дека големата празна маса на којашто заради збогатување на впечатокот сте наредиле некакви промотивни торбички е донација од претходниот културен аташе од Германската амбасада во Скопје, г-ѓа Катрин Фруенсфилд и нејзиниот сопруг? На оваа маса, требаше да бидат изложени делата на Петре преведени и издадени во странство. А во заднината е потпрена (оти од влагата падна и се поткрши) табла од форекс со моќна порака од академик Влада Урошевиќ…“, напиша меѓу другото Ирена Андреевска. Таа додава и дека„ добро се направени фотографиите, па тешко може да се забележи како се извиткани кориците и внатрешните листови на единствениот нивни семеен примерок на првото издание на ’Касни – порасни’, но и на собраните дела на Петре“…
Да потсетиме дека веднаш по долгата критика упатена до надлежните институции од страна на Венко Андоновски, од градоначалникот на Демир Хисар со слики и факти беше демантирано обвинувањето дека локалната самоуправа не води грижа за културното наследство на нашиот еминентен писател, а министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, најави дека иако поставката формално не е под нивна ингеренција, на 18 август ќе ја посети Слоештица за да се увери во состојбата на просторот кој го слави делото на Петре М. Андреевски.
По бурните реакции на првичниот емотивен текст, Андоновски денеска повторно се огласи на социјалните мрежи. Откако претходно посочи дека Сергеј Андреевски побарал поддршка од него, но и од сите истакнати јавни личности и институции да се зачува да не пропадне, да не се уништи дел од македонскиот книжевен трезор, поради негрижа од институциите, во новиот статус напиша: „Бидејќи и мојата поддршка на семејството на Петре Андреевски стана предмет на политизација, како и секоја тема кај нас, повторувам: тоа што го напишав го напишав врз основа на интернет-преписка во која ми се доставени ПДФ-документи на дописи кои се пишувани од страна на Сергеј Андреевски и институцијата ’Гумно’ до одредени инстанции. Јас тие документи ги имам и ги чувам. Во нив стои дека постановката е нонстоп заклучена, дека не се санирани последици од поплавата, дека е неизметено и со пајажини. За да не дојде до натамошни политизации и манипулации, мислам дека на ред е – семејството на Андреевски. Тоа знае зошто е незадоволно, и затоа и побара поддршка не само од мене туку и од институции и други поединци“.
Ден претходно, министерот Љутков, кажа дека до него не е пристигнато никакво официјално обраќање или известување во врска со условите во кои се наоѓа оваа поставка. Ја информираше јавноста дека ќе ја преземе обврската да обезбеди траен, соодветен и институционално признат простор за презентација на ликот и делото на Петре М. Андреевски во рамки на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје.
Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски, за весникот ВЕЧЕР посочи дека е во контакт со уметникот Сергеј Андреевски и дека се подготвени во рамките на Универзитетската библиотека во Скопје да обезбедат простор за афирмација на ликот и делото на Петре М. Андреевски, во кој би биле сместени и ракописи на писателот, но и дека таков интерес нема од страна на семејството, кое бара да се обезбедат финансии за поставката во селото Слоештица. Тој исто така посочува дека се подготвени и да направат елаборат за прогласување на творештвото на Петре М. Андреевски за културно наследство со што тоа би било заштитено на највисоко ниво.
Градоначалникот, пак, на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, напиша дека меморијалната поставка е во одлична состојба – а објектот и експонатите се редовно одржувани.
„Објектот е во сопственост на Општина Демир Хисар, а неговото управување му е доверено на невладина организација избрана на јавен повик, спроведен и усвоен од страна на Советот на Општината, напиша Најдовски. Тој наведе и повеќе конкретни активности за афирмација на ликот и делото на Петре М. Андреевски. Истовремено, ја осуди практиката на јавни личности да шират непроверени и невистинити информации преку социјалните мрежи, без ниту обид за контакт или консултација со надлежните институции.
„Таквиот пристап не придонесува кон заштита на културните вредности, туку напротив – создава лажна слика и недоверба во институциите кои секојдневно вложуваат труд и средства во таа насока. Јавната комуникација преку социјални мрежи, особено кога се заснова на дезинформации и претпоставки, е недозволив начин на однос кон сериозни теми како што е културното наследство“, напиша првиот човек на Демир Хисар.
Професорката од Институтот за македонски јазик, Елка Јачева Улчар, пак, се приклучи со свој став за целиот случај при што посочи: „Колку што јас знам – поставката е стокмена од семејството и тие се грижат за неа. Нивната интенција е да премине (и заслужува) во владение на државата, со вработување на лице кое ќе ја нагледува, контролира и ќе ги пречекува сите добронамерници“.
Оставината на нашиот книжевен гениј, вечниот и незаменлив Петре М. Андреевски, е национално наследство, а секое сеќавање на него и на неговите дела несомнено треба да се сочуваат за идните генерации. (Д.Т.)