Седум лица, меѓу кои пет деца и двајца мажи на возраст од околу 50 години, се здобиле со тешки повреди на рацете во новогодишната ноќ, како последица на користење петарди. Кај дел од повредените, поради сериозноста на повредите, лекарите биле принудени да извршат ампутација на прсти.
Како што информира министерот за здравство Азир Алиу, три деца биле згрижени на Ургентниот центар, две на Детската клиника, додека двајца возрасни пациенти биле примени на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
„За жал, кај дел од пациентите повредите беа исклучително сериозни, поради што беше неопходна ампутација на прстите“, изјави Алиу.
Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, посочи дека изминатиот месец, во соработка со Министерството за внатрешни работи, била спроведена едукативната кампања „Кажи не на пиротехника“ во училиштата, со цел подигнување на свеста за опасностите од користење пиротехнички средства.
Според неа, кампањата дала одредени резултати, бидејќи е забележано намалување на бројот на повредени во споредба со претходните години. На Клиниката биле примени двајца мажи – едниот на 58 години, кој му покажувал на внукот како се активира петарда, и друг 50-годишен маж, кому петардата му експлодирала во раката додека ја земал од дете. И кај двајцата била извршена ампутација на прстите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека во текот на 2025 година биле запленети околу 252.000 парчиња пиротехника, а 37 лица биле лишени од слобода, за кои се поднесени и 37 кривични пријави.
Надлежните апелираат до граѓаните, особено до родителите, да не дозволуваат користење пиротехника, поради сериозните и трајни последици кои може да ги предизвика.












