Кремљ денеска го поздрави двонеделното примирје договорено меѓу САД и Иран, велејќи дека Русија се надева дека САД сега ќе имаат време и простор да ги продолжат трилатералните мировни преговори за Украина.
Во разговор со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „со задоволство ја примиле веста за примирјето. Ја поздравуваме одлуката да не се оди понатаму по патот на вооружена ескалација“, приклучувајќи се кон Европската Унија, Ватикан и другите земји кои го сторија истото.
На прашањето дали примирјето во Иран ќе ги олесни новите разговори за Украина, Песков рече: „Се надеваме дека во догледна иднина (САД) ќе имаат повеќе време и поголема можност да се сретнат во трилатерален формат“, осврнувајќи се на разговорите меѓу Русија, Украина и САД.
Русија претходно изјави дека мировните преговори за Украина се заглавени откако почнаа непријателствата во Иран. Разговорите започнаа минатата година во Истанбул, а трилатералните разговори со САД се одржаа претходно оваа година во Абу Даби и Женева.
Но, напредокот е бавен, главно поради територијален спор, објави Ројтерс. Русија бара Украина да се откаже од остатокот од својот регион Донбас, но Киев одбива да ја предаде територијата што руските сили не успеаја да ја освојат во повеќе од четири години војна.












