четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИМАЛО ОПАСНОСТ ОД ЗАГРОЗУВАЊЕТО НА НЕЗАВИСНОСТА И САМОСТОЈНОСТА НА СУДСТВОТО: Уставниот суд...

ИМАЛО ОПАСНОСТ ОД ЗАГРОЗУВАЊЕТО НА НЕЗАВИСНОСТА И САМОСТОЈНОСТА НА СУДСТВОТО: Уставниот суд го поништи намалувањето на платите на судиите

97

Поништени се законските одредби со кои се намалени коефициентите врз основа на кои македонските судии требаше да примаат намалени плати. Ова денеска го одлучија уставните судии кои го поништија Законот за изменување на Законот за платите на судиите, објавен во Службен весник на РСМ бр.39/2026). Во соопштението на Судот се наведува дека решавачки било значењето на платите за независноста и самостојноста на судството.

– При конечното одлучување за поништување на Законот за изменување на Законот за платите на судиите донесен во февруари 2026 година, како решавачки аргументи беа утврдени значењето на финансиската независност и самостојност на судството, како составен дел од уставно загарантираната независност на судската власт, како и темелните вредности на уставниот поредок, владеењето на правото и поделбата на власта – се наведува во соопштението.

Се додава дека по поведувањето постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите, Собранието, наместо да постапи согласно со ставовите на Уставниот суд изразени во Решението за поведување постапка од 24 декември 2025 година, изврши ново намалување на коефициентите на платите на судиите.

– Па, Судот одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите од 25 февруари 2026 година и да го поништи како спротивен со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членовите 51 и 54 и Амандманот XXV на Уставот на Република Северна Македонија. Коефициентите за утврдување на платите на судиите беа намалени двапати, во 2024 година и повторно во февруари 2026, што, според Судот, укажува дека постои тенденција на намалување на реалниот износ на судиските плати, што создава опасност за загрозување на нивната материјална положба, а со тоа и загрозување на независноста и самостојноста на судството.

Во поништениот Закон беше наведено дека коефициентот за утврдување на платата на судиите изнесува од 1,97 до 2,60 и дека треба да се применуваат од февруари, 2026 година. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ