Европската Унија само се преправа дека сака да преговара со Русија за украинското прашање, додека во реалноста го охрабрува Киев да продолжи со борбите, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
– Овие дискусии за преговорите се еден вид квази-схоластицизам. А нивните потези се насочени исклучиво кон понатамошен притисок за продолжување на борбите, а не кон преговарање со никого. Тоа е реалноста – рече Песков во изјава за медиумите.
За потсетување, владите на ЕУ дискутираат дали поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, или поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, би можеле да претставуваат блок во потенцијалните преговори со Владимир Путин, додека идејата за повторно отворање на формалните канали со Русија добива на интензитет.
Рускиот претседател Владимир Путин, одговарајќи на прашања од новинарите, го именуваше поранешниот германски канцелар Герхард Шредер како посакуван кандидат, но нагласи дека самите Европејци треба да изберат лидер на кого му веруваат и кој не давал остри изјави за Москва.
Рускиот претседател нагласи дека Европа, а не Русија, ги напуштила преговорите.












