Израелската војска нареди евакуација на јужниот либански град Тир откако изврши уште еден бран воздушни напади за кои рече дека биле насочени кон проиранската вооружена група Хезболах.
Војската им кажа на жителите на Тир и околното подрачје дека била „принудена да дејствува енергично“ бидејќи Хезболах го прекршил прекинот на огнот склучен со посредство на САД, кој започна пред пет недели, објави Би-Би-Си.
Исто така, во среда, либанските медиуми објавија израелски напади низ јужниот дел на земјата и источната долина Бека, при што загинаа три лица во градот Шукин.
Хезболах, кој самиот го обвини Израел за кршење на прекинот на огнот, соопшти дека се бори против израелските трупи северно од реката Литани, на околу 30 км од границата.
Сето ова се случи еден ден откако израелскиот премиер најави проширување на копнената операција, по нападите со беспилотни летала на Хезболах врз војници кои држат делови од јужен Либан и цивили во северен Израел.
Ескалацијата се заканува да ги загрози разговорите насочени кон завршување на војната меѓу САД, Израел и Иран. Иран инсистира дека секој договор мора да го вклучи Либан, додека Израел вели дека го задржува правото да продолжи да се бори против заканата што ја претставува Хезболах.
Либан беше вовлечен во војната на 2 март, кога Хезболах лансираше ракети врз Израел како одговор на израелскиот напад во кој беше убиен врховниот лидер на Иран. Израел одговори со воздушна кампања низ Либан и копнена инвазија.
И Израел и Хезболах продолжија да разменуваат оган за време на прекинот на огнот, кој започна на 16 април и оттогаш беше продолжен двапати.
Според либанското Министерство за здравство, најмалку 3.213 луѓе се убиени во Либан од почетокот на војната – бројките не прават разлика помеѓу борци и цивили.
Израел вели дека 23 негови војници и четворица израелски цивили се убиени од двете страни на границата во истиот период.












