Пејачот Горан Наумовски со „Остани“ и понатаму останува на врвот

28

Низ  „Остани“ пеам за интимен и искрен начин за љубовта од машката страна. Потврда за тоа е дека и ние мажите чувствуваме страв, несигурност, ранливост, тага и осаменост по љубовната разделба. „Остани“ е музичка исповед за внатрешниот дијалог помеѓу разумот и емоциите

 Поп-пејачот Горан Наумовски сè уште добро го памети, заедно со обожавателите, евергринот „Прости ми“ од репертоарот на популарната Маја Оџаклиевска. И пак нагласува дека му беше прилично мило што ја преработил таа песна, на свој начин. Григор Копров е автор на музиката, а самата Оџаклиевска го напиша текстот. Оригиналниот аранжман е на Живојин Глишиќ, а потоа истата ја „зашеќери“ Владимир Дојчиновски. Распеаната Маја ја испеа „Прости ми“ премиерно на „Скопскиот фестивал“ во далечната 1996. Исто така, незаборавни се настапите на Наумовски на фестивалот „Охрид-фест“ и на концертот „Најдоброто од Григор Копров“.

Деновиве, Горан Наумовски е присутен и актуелен со новата песна насловена како „Остани“, а таа е дел од поголемиот музички проект „Лицата на љубовта“, во кој учествуваат повеќе пејачи. Проектот ги обработува темите на љубовта, страста, осаменоста… Промоцијата (за новинарите) е планирана за ноември.

– Низ оваа „Остани“ пеам за интимен и искрен начин за љубовта од машката страна. Потврда за тоа е дека и ние мажите чувствуваме страв, несигурност, ранливост, тага и осаменост по љубовната разделба. „Остани“ е музичка исповед за внатрешниот дијалог помеѓу разумот и емоциите, вели Горан.

Мелодијата и текстот се на Митко Чешларов, а аранжманот е на Кристијан Габроски (Ристо Бомбата).

– Песната звучи современо, со препознатлива емоција и со мојата силна интерпретација. Задоволен сум од крајниот резултат и се надевам дека слушателите ќе ја почувствуваат и ќе ја препознаат искреноста на таа емоција. Верувам дека барем во еден дел луѓето ќе се пронајдат во пораките што им ги испраќа убавата песна, тврди Наумовски.  (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ