За да го види татко си за последен пат, во Скопје дојде со сопругата Ивана, ќерката и со синот. Успеа да го затекне сè уште жив, во последните часови од овоземскиот живот.
Поп-пејачот Дарко Даре Илиевски беше еден од нашите најпопуларни млади поп-пејачи, кој сè уште се слуша со неговите хитови „Едно тело“ – дуетот со ДНК, „Бори се за неа“, „Да ти биде срам“, а сега живее во далечната Америка, на Флорида. Неодамна беше во Скопје, а причината е болна и тажна. Почина неговиот сакан татко. Даре, сепак, успеа да го затекне сè уште жив, во последните часови од овоземскиот живот. По кратко време, Дарко се прости од татко си со емотивни зборови.
– Почивај во мир, татко мој. Ти беше мојот најголем пример за сила, чесност и борба. Секогаш ќе ги паметам твојата добрина и твојата жртва за нас. Засекогаш ќе ми недостасуваш, порача пејачот и кај многумина предизвика тага и солзи.
За да го види татко си за последен пат, Дарко во Скопје пристигна со сопругата Ивана, ќерката и со синот. Во македонската метропола, и покрај тажниот повод, успеа потоа да се сретне со роднините, со своите најблиски, со пријателите, но и со некои колеги од естрадата. Со нив ги евоцираше спомените од она време, кога на македонската естрада имавме хитови, песни, рефрени а, кои останаа да се слушаат.
На егзотичната Флорида, Даре е многу вреден, каков што беше и во Македонија. Таму организира незаборавни ексклузивни забави за иселениците од целиот Балкан, а на тие забави настапува и тој, пее и македонски и ексјугословенски шлагери. Работата му оди одлично и не се жали дека тешко се живее, како што тоа го велат добар дел од неговите колеги. Инаку, пејачот пријатно ги изненади сите минатото лето, кога ослабе дури 65 килограми, а ги имаше неверојатни 152, кои лошо му се одразија на здравјето.
– Јас завршив во болница. Затоа сите вие со истиот проблем, не чекајте. Направете промена. Трансформацијата е можна со силна волја. Започнете денес. Не чекајте утре. Доколку ви требаат поддршка и помош, тука сум да ви помогнам, вели Дарко. Откако се среди со физичкиот изглед, за Дарко почнаа да се интересираат многу девојки. Велат дека многу се разубавил. Неговата сопруга, за среќа, не е љубоморна. Работата на Дарко ја сфаќа како таква. Тој мора да комуницира со народот секогаш расположен, а не намуртен. (Д. М.)