четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Нова улица ќе ги поврзува Клиничката болница и средното медицинско училиште „Јане...

Нова улица ќе ги поврзува Клиничката болница и средното медицинско училиште „Јане Сандански“

169

Општина Штип ја избра фирмата изведувач што од оваа пролет треба да почне со активностите за изведба на нова сообраќајница, преку која ќе се поврзат штипската Клиничка болница и средното медицинско училиште „Јане Сандански“, со што ќе се растоварат од сообраќај постојните улици што водат до регионалната болница.

– Тоа значи дека три сообраќајници, „Мирче Ацев“, „Вита Поп Јорданова“ и „Љубен Иванов“, кои водат кон тој дел од градот, ќе бидат растоварени со формирањето на оваа нова сообраќајница. И овој тендер е завршен, очекувам напролет да се почне со активностите, избрана е најповолна фирма, компанија што ќе ја гради и верувам дека ова ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж што се јавува на овие три улици – рече градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Дополнително, ќе се работи и на нов кружен тек на булеварот „Партизанска“, поточно кај зградата на ЕВН, за зголемување на безбедноста во сообраќајот во Штип. Тековно ќе се работи на 17 улици, кои се стари и дотраени и кои оваа година ќе бидат целосно реконструирани.

– Се работи за улици во населбите Пребег, Баби, Леваци. Станува збор за тековно одржување на улици кои се дотраени, амортизирани и кои ќе бидат реконструирани, а не станува збор за нова инфраструктура – изјави Јорданов.

Тој најави дека оваа година во Штип ќе се реализираат и капитални проекти, како што се новата обиколницата, скада-системот, продолжување на булеварот „Гоце Делчев“ кај клучката со населбата Три Чешми и изградба на спортски центар наречен „Џексон“.

 

ИЗДВОЕНИ