Рокот за флексибилна примена на системот истече вчера на 6 септември, а Европската комисија не ја продолжи можноста за привремено суспендирање на проверките, објавува „Гардијан“, забележувајќи дека, според бројни информирани извори, некои земји-членки на ЕУ нема да применуваат биометриски проверки како дел од EES по истекот на флексибилниот период на примена.
Авиокомпаниите претходно побараа оваа опција да остане на сила до крајот на 2026 година.
Авиоиндустријата и туристичкиот сектор велат дека олабавувањето на правилата во последните месеци помогнало да се избегнат големи застои и доцнења, откако патниците пропуштија летови поради долги редици на некои европски аеродроми на почетокот на летото.
На некои локации, целосната имплементација на системот сè уште не е можна. Според извори од индустријата, не се очекува целосно спроведување на EES проверките на најпрометните аеродроми во Европа.
Во Грција, граничните служби неофицијално ги ослободија патниците од Велика Британија од проверки за да избегнат застој. Британската туристичка асоцијација АБТА и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) побараа флексибилното спроведување на системот да се прошири.
Европската комисија соопшти дека е во контакт со неколку земји-членки на кои им се потребни дополнителни прилагодувања на одредени гранични премини и дека е подготвена да ги поддржи во тој период.












