Парк на еднаквоста – ново магично место во градот

84

Лицата со посебни потреби, но и сите други граѓани, ќе добијат свој парк наречен Парк на еднаквоста или Park of Equality, кој ќе биде ново магично место во градот. Ќе се гради во Кисела Вода и е резултат на соработката на невладината организација „Eguality“ со Амбасадата на Полска, за што тие потпишаа договор.

– Проектот настана како резултат на соработката со Амбасадата на Полска, која ја препозна важноста на создавањето еднакви можности и хумани вредности, без разлика на физичките или на интелектуалните способности – истакнаа од невладината „Equality“.

Овој интеграциски и инклузивен парк е замислен како безбеден, достапен и инспиративен простор за сите, вклучително и за лицата со попреченост, каде што сите ќе може да се дружат, забавуваат, релаксираат и да се социјализираат.

– Вакво нешто не постои никаде во Македонија. Ја увидовме потребата да се создаде такво место во македонската престолнина, што претседателот на „Equality“, Гере Трипков, само го потврди. А, бидејќи сакаме да работиме со позитивни луѓе, ние ги активиравме нашите контакти и го добивме! Изградбата ќе започне наскоро, а за неколку месеци ќе ги објавиме резултатите – соопштија од Амбасадата на Полска.

Во Паркот на еднаквоста ќе има: пристапни патеки и игралишта, интерактивни и сензорни содржини, зони за играње пристапни за лицата со мобилна попреченост, простори за културни и за едукативни настани, како и аудитивни табли за лицата со оштетен вид.

– Нашата визија е јасна: да изградиме простор што ја слави различноста и ги урива бариерите. Паркот ќе биде симбол на општество што се грижи, препознава и прифаќа – потенцираат од „Equality“.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ