– Овој проект ми е многу близок до срцето. Тоа е мој начин да ѝ се заблагодарам на земјата каде што ги направив првите чекори во танцот. Со оваа награда, сакам да им дадам вистинска можност на младите балетски уметници, да веруваат во себе, да ги следат своите соништа и да откријат колку далеку може да ги однесе страста. На мојот пат, многумина ме подржаа и ме инспирираа. Затоа и јас сакам сега да отворам врати и да бидам поддршка за новата генерација таленти – истакна примабалерината и ѕвезда на Париската опера, Роксан Стојанов, во својата видеопорака по повод востановувањето на наградата што го носи нејзиното име

На иницијатива од примабалерината и ѕвезда на Париската опера, Роксан Стојанов, која има македонско потекло, а во организација на Културниот центар „Интерарт“, Францускиот институт во Скопје и на француската Амбасада, востановена е наградата „Роксан Стојанов“, со цел да се поддржи кариерата на младите македонски балетски таленти, но и на талентите од другите изведбени уметности.

Наградата е резултат на една идеја за која разговаравме од минатата пролет, кога допатува Роксан Стојанов во Скопје за да биде гостинка на фестивалот „Танц-фест“, а поаѓајќи од констатацијата дека Роксан Стојанов, по својата професија и уметноста што ја негува, е своевиден уметнички мост меѓу двете земји. Уметница што почнала да се образува овде, во Скопје, а потоа продолжила да ја усовршува својата кариера во Франција, за на крајот да стане и ѕвезда на Париската опера.

– Поаѓајќи од скопската сцена и напредувајќи до светската, тој професионален тек е исклучителен. Од човечка гледна точка, таа ги поседува квалитетите да го пренесе тоа знаење. Тргнувајќи од нејзиниот пат, сакавме да им помогнеме на младите македонски уметници да се воздигнат во својата кариера и да им се покажат нови патишта. Бидејќи има голем потенцијал на многу добри млади уметници во земјата, одлучивме да го организираме овој конкурс со одредени критериуми, но и со нивна слободна интерпретација, по што жирито ќе го избере најдобриот – истакна францускиот амбасадор, Н.Е. г. Кристоф Ле Риголер, на вчерашната прес-конференција во Францускиот институт во Скопје, по повод востановувањето на наградата.

Роксан Стојанов, пак, им се обрати на присутните преку видеопорака, објаснувајќи го поводот за една ваква идеја.

– Овој проект ми е многу близок до срцето. Тоа е мој начин да ѝ се заблагодарам на земјата каде што ги направив првите чекори во танцот. Со оваа награда, сакам да им дадам вистинска можност на младите балетски уметници, да веруваат во себе, да ги следат своите соништа и да откријат колку далеку може да ги однесе страста. Танцот дава многу, но и уметност на споделување. На мојот пат, имав среќа што многумина ме подржаа и ме инспирираа. Затоа и јас сакам сега да отворам врати и да бидам поддршка за новата генерација таленти – истакна Роксан Стојанов во својата порака.

Инаку, како што посочи проф. д-р Рисима Рисимкин, основачка на „Танц-фест“ и на Катедрата за современ танц и балетска педагогија на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, овој натпревар ќе биде отворен за младите балетски уметници помеѓу 16 и 20 години, кои ќе може да ги депонираат своите кандидатури во текот на оваа есен 2025 и ќе бидат селектирани според прецизни уметнички и технички критериуми.

– Наградата е исклучителна можност за младите балетски уметници, бидејќи првпат ќе им се отвори вратата во школата на Париската опера. Да се биде ѕвезда на Париската опера е една од највисоките титули што може да ги добие една балерина на светско ниво и сигурна сум дека Роксан, во наредните години, ќе го покори целиот свет. Се одлучивме да направиме и еден поширок фронт во кој ќе ги вклучиме и најзначајните институции за балет и изведбени уметности во државата и на тој начин ќе дадеме целосна поддршка на она што значи национална награда. Направивме и почесен одбор во кој, покрај францускиот амбасадор, се и: генералниот директор на Националната опера и балет, Оливер Арсовски; директорот на Државниот музичко-балетски училиштен центар, проф. Јован Бицевски; директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски; Диме Ратајковски, директор на Културниот центар во Истанбул и деканката на Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“, Андријана Данчевска – истакна Рисима Рисимкин, уметнички директор на наградата.

Селектираните кандидати ќе треба да подготват специјална и однапред одредена програма што ќе ја изведат во живо, пред интернационално жири, во текот на „Скопје танц-фест“, во периодот од 15 до 20 април 2026. Наградениот уметник ќе има можност да престојува една недела во Париз, Франција, под менторство на ѕвездата Роксан Стојанов, што вклучува часови и професионални средби.

Инаку, Роксан Стојанов е родена во Македонија, во 1995 година. Започнала да се занимава со балет уште во родната земја, на осумгодишна возраст, пред да се пресели во Брисел, а подоцна, во 2007 година, се вклучила во училиштето за танци на Париската национална опера. Во 2022 година, била промовирана во „главна танчарка“. Во декември 2024 година, таа беше првата балерина со македонско потекло што беше прогласена за ѕвезда на Париската опера. Во април 2025 година, ја прими наградата „Менада“ за извонредни достигнувања во областа на танцот, на 21. издание на фестивалот „Танц-фест Скопје“.

Во својата кариера, Роксан Стојанов изведува врвни улоги во дела од класичниот и од современиот репертоар на Париската опера, со кои гостува на интернационалната сцена во Европа, Америка, Кина и во Јапонија. (Д. Т.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ