Град Скопје ќе субвенционира замена на азбестни покриви, за што објави и јавен повик.
Станува збор за доделување на поединечна субвенција на граѓаните, жители на градот Скопје, која ќе биде во висина од најмногу 50% од вредноста на инвестицијата, но не повеќе од 100.000 денари, по лице/барател, од вкупниот износ на вредноста потребна за замена на азбестниот покрив, со вклучен данок на личен доход.
Финансиските средства се обезбедени од буџетот на Град Скопје за 2025 година, во вкупен износ од 1.000.000 денари.
Јавниот повик ќе трае до 15 октомври 2025 година или до исцрпување на средства предвидени за таа намена (активностите од јавниот повик да бидат завршени во целост заклучно со 15 октомври 2025 година). Право на учество на Јавниот повик имаат граѓаните, жители на градот Скопје, (во општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), кои ќе ги заменат азбестните покриви, ги исполнуваат условите од јавниот повик и ја доставиле потребната документација.
Oтстранување и одложување на азбестните цементни плочи и останатиот градежен шут до депонијата треба да е согласно со постојните законски прописи и за истиот потребно е да се ангажира субјект кој има лиценца за постапување со овој вид на опасен отпад.