Пајак е феномен, кој со песната и со видеоспотот за „Дали ќе ме сакаш“ собра повеќе од 250.000 кликови  

47

Хитот ќе го слушаме и во живо, на пречекот на Новата 2026 година на скопскиот плоштад, каде што ќе настапува во друштвото на Каролина, Тамара, Миле, „Куку-леле“… Пред оваа актуелна песна, Пајак ја освои публиката и со други песни, меѓу кои е и мошне занимливата „Летна авантура“, во дует со српската пејачка Теодора Џехверовиќ

 Христијан Настески, македонскиот трап-пејач, многу попознат под прекарот Пајак (неговиот татко е поранешен гитарист и вљубеник во рок-музиката), по потекло од Охрид, јарец во хороскоп, на кој кафето му е омилен пијалак, а јајце на око омилено јадење, последниве години интензивно ја освојува домашната музичка трап-сцена. Официјално има една од најслушаните македонски песни, со наслов „Дали ќе ме сакаш“.

Песната се врти речиси насекаде и сигурно ќе влезе во конкуренција за „Хит на годината 2025“, годината со која наскоро ќе се збогуваме. Вистински феномен е што песната и видеоспотот, за само шест дена, собраа преку 250.000 кликови или прегледи, со што уште повеќе се потврдува зголемениот интерес на најмладата публика за неговата музика.

„Дали ќе ме сакаш“ ќе ја слушаме во живо и на пречекот на Новата 2026 година на скопскиот плоштад, каде што Пајак ќе настапува во друштвото на Каролина, Тамара, Миле, „Куку-леле“…

Пред оваа актуелна песна, Пајак ја освои публиката и со песните: „Мама“, „Немирен“, „Психо“, „Проклет град“, „Срце“, „Москва“, „Рескирај“, „Летна авантура“ (во дует со Теодора), „Љуби ме“, „Бела“, „Хабиби“ (со Антонија Гиговска)… Кога сме кај песната „Летна авантура“, да појасниме дека Пајак ја пее на српски јазик во дует со популарната српска пејачка, Теодора Џехверовиќ. Песната има и видеоспот кој се снимаше на повеќе светски егзотични локации. – Eмотивнo-љубовна песна, во соработка со прекрасната Теодора Џехверовиќ, вели Пајак. Во песната пееме за љубовта, која на сите нас по малку ни недостасува, на овој или на оној начин. На последното издание на познатиот „Макфест“, Пајак ни се претстави и со интересна преработка на мегахитот „Магија“, кој оригинално беше испеан од групата „Магија“ и Јован Јованов.

По новогодишните и верските празници, траперот ќе има исто така полни раце работа. Тој уште отсега го најавува првиот студиски албум, кој наскоро ќе биде пуштен во продажба со популарна цена, за да може да им биде достапен на многу луѓе кои сакаат да го слушаат.

– Албумот го подготвувам со срце и со душа, по цели денови сум во студиото, ништо не е препуштено на случајноста. Сè е светски. На новиот албум ќе има сосема нови песни, а ги подготвуваме заедно со Иван Јованов – Ивајо, братот на Јован Јованов. Секоја од песните ќе има и видеоспот во продукција на Урбан Рекорд, вели гордо популарниот Пајак, односно Христијан Настески.

Во приватниот живот тој е скромно момче кое сака искрено и многу да се смее. Има заразна насмевка, а кога е во кафеаната не откачува на трап-музика, туку токму на тие кафеански песни „Налеј, налеј“ и „Еј, ти момче охриѓанче“.  (Д. М.)

ИЗДВОЕНИ