Откако го заврши настапот на Ролан Гарос, каде што беше поразен од Јаник Синер во полуфиналето, најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ се сврти кон одмор и подготовки за Вимблдон.

Ѓоковиќ моментално е на релација Србија-Грција, од каде што во наредните денови ќе се упати кон Лондон.

Оваа година српскиот ас има задача да го одбрани финалето на Вимблдон од минатата година, во кое беше поразен во три сета од Карлос Алкараз.

Ѓоковиќ повторно ќе се обиде да ја освои својата историска 25. Грен-слем титула на тревата на познатиот „Ол Ингланд Клаб“, со што ќе продолжи да ги поместува границите и да ја пишува историјата на светскиот тенис, дури и на 38-годишна возраст.

Прославениот тренер Патрик Муратоглу се обиде да објасни што моментално му недостасува на Ѓоковиќ на патот кон нов трофеј од грен-слем турнирите.

-Веќе не станува збор толку за тенисот, колку за менталната сила. Мислам дека тој премногу ја прифати доминацијата што Синер ја имаше над него, што не е вообичаено за играта на Новак. Не сум го видел Новак како што го познавам и сè уште мислам дека неговата мотивација сè уште не е доволно висока. Но, таа е таму, само не знам точно каде, порача Муратоглу во интервју за медиумите.

Тој верува дека токму големото ривалство со Роже Федерер и Рафаел Надал му дало на Ѓоковиќ дополнителна мотивација да ги освојува најголемите турнири со години, и дека токму овој елемент му недостасува сега.

-Сите беа обожаватели на Роже, сите беа обожаватели на Рафа, сите велеа дека се најдобри на светот, а Новак сакаше да го докаже спротивното. Мислам дека тоа го движеше, а сега го изгуби тој жар поради фактот дека на крајот на краиштата, тој е најдобриот на сите времиња, додаде Муратоглу.

ИЗДВОЕНИ