четврток, октомври 15, 2026
Дома БАЛКАН „Ова е револуција, нема да запреме додека Рама не поднесе оставка“: Немири...

„Ова е револуција, нема да запреме додека Рама не поднесе оставка“: Немири на студентските протести во Албанија/ВИДЕО

36
screenshot X

Десетици илјади студенти излегоа на улиците во Тирана во средата, при што запалија зграда на Министерството за образование и две банки, а кон полицијата фрлаа камења за време на протестите против зголемените трошоци за образование и корупцијата, пренесува Ројтерс.

Според снимките на Ројтерс, полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите, кои претходно ја запалија зградата на Министерството за образование, превртеа канти за отпадоци и ги искршија излозите на локалните продавници.
Во близина на Министерството за образование била запалена и филијала на „Рајфајзен банка“, изјави репортер на Ројтерс кој се наоѓаше на лице место.

Овие протести претставуваат најнасилен излив на незадоволство насочен против владата на премиерот Еди Рама. Рама освои четврти последователен мандат на изборите минатиот мај, но оттогаш се соочува со растечко незадоволство, поттикнато од обвинувањата за корупција меѓу високи државни функционери.

Демонстрантите, исто така, ги сметаат опозициските политичари за неприфатлива алтернатива. Немирите доаѓаат по летото исполнето со мирни протести против Рама, кои беа поттикнати од предлогот за изградба на луксузен туристички комплекс на недопрениот јужен брег на Албанија – проект зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот стана предмет на правни спорови.

„Ова е револуција. Доста ни е од мирни протести. Нема да запреме додека Рама не поднесе оставка“, изјави студентка – додека фрлаше камења кон полицијата. Други демонстранти извикуваа „Оставка“ и „Полицијата се криминалци“.

Организаторите на студентскиот протест изјавија дека демонстрациите се организирани поради состојбите на универзитетите, високите трошоци за високо образование, недостигот на финансиска поддршка и слабите изгледи за вработување по завршувањето на студиите.

Немирите се дел од поширок бран на студентски активизам што се шири низ Европа, а се однесува на прашања поврзани со образованието и условите за живот. Во Франција, учениците од средните училишта со недели организираат протести и блокади на училиштата, барајќи повеќе наставници и подобри услови. Тие тврдат дека дотраените училишни згради и преполнетите училници го загрозуваат квалитетот на образованието.

Албанските медиуми објавија дека во средата протестите се прошириле и на универзитетите во Елбасан и Скадар.

Владата го осуди насилството.

„Правото на протест е легитимно, но не може да послужи како изговор за насилство, уништување на градот или грди судири среде улица“, изјави заменик-премиерката Албана Кочиу на Фејсбук.

„Ги повикувам студентите и секој чесен граѓанин што верува во правото на протест, да се дистанцираат од насилството и вандализмот!“, додаде таа.

Полицијата издаде соопштение во кое повика на смирување на ситуацијата. „Секој што прибегнува кон насилство, подметнува пожар или уништува имот, или пак напаѓа полициски службеници, сноси лична одговорност и ќе одговара пред законот, во зависност од сторените дела“, се наведува во соопштението.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај го осуди насилството и повика на смирување на ситуацијата, изјавувајќи: „Уставот и законот мора да ги одредат границите за сите, без исклучок“, пренесе АП.

Министерката за здравство Клодијана Спахиу, која ги посети повредените полицајци во болницата, го опиша насилството како „недозволиво“.

Делегацијата на Европската Унија во Албанија ги повика властите да реагираат пропорционално, откако организаторите на протестите изнесоа „тврдења за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата врз демонстрантите и новинарите“.

ИЗДВОЕНИ