Меморандумот со САД предвидува диверзификација на изворите и рутите за снабдување со природен гас, како и зајакнување на енергетската стабилност на земјата. Договорот отвора можности за нови инвестиции и развој на инфраструктурата со поддршка од меѓународни финансиски институции. Воедно, средбите со „Шеврон“ го потврдуваат растечкиот интерес на американските компании за македонскиот пазар. Фокусот останува на сигурно, конкурентно и долгорочно одржливо снабдување со енергенси.

Во рамки на официјалната посета на македонската владина делегација на Соединетите Американски Држави, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари серија значајни средби и потпиша клучен документ со кој се продлабочува енергетската соработка меѓу двете земји.
Во Вашингтон, Божиновска потпиша Меморандум за разбирање со САД, насочен кон унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас. Договорот, кој беше склучен со заменик-државниот секретар Кристофер Ландау, претставува дел од поширокиот стратешки дијалог меѓу двете земји, кој ги опфаќа клучните области како енергетиката, економијата, безбедноста и технологијата.
Со меморандумот се предвидува диверзификација на изворите и рутите за снабдување со гас, зголемување на отпорноста на енергетскиот систем, како и развој на инфраструктурата и подобрување на пазарната транспарентност. Воедно, се отвораат можности за финансирање преку меѓународни институции и за поголемо вклучување на приватниот сектор.
Паралелно со институционалната соработка, министерката реализираше и работна средба со претставници на американската компанија „Шеврон“ во Вашингтон, каде што фокусот беше ставен на диверзификација на снабдувањето со нафта и течен природен гас (LNG), како и на потенцијалот за влез на американски енергетски компании на македонскиот пазар.
На состанокот, покрај присутните во Вашингтон, онлајн се вклучија водечки претставници на компанијата, од различни делови на светот, вклучително и од Пекинг и Мадрид, што ја потврдува сериозноста и глобалната тежина што „Шеврон“ ја дава на потенцијалната соработка со Северна Македонија.
Од страна на „Шеврон“, на состанокот учествуваа Брајан Еснер, генерален менаџер за „ Ел-Ен-Џи Оригинејшн“, кој зад себе има повеќе од 25 години искуство во глобални енергетски проекти, како и Лем Смит, потпретседател за меѓународни владини односи и Стив Кеил, сениор менаџер за меѓународни владини односи.
На состанокот министерката Сања Божиновска, ја придружуваа Горан Николовски, раководител на секторот за гас, и Недим Рама, директор на НОМАГАС кој се дел од македонската делегација во Вашингтон. Разговорите опфатија можности за нови инвестиции, зајакнување на конкуренцијата и унапредување на енергетската безбедност на земјата.
– Разговорите беа фокусирани на клучни теми за енергетската иднина на државата, вклучително и диверзификацијата на снабдувањето со нафта и течен природен гас, можностите за влез и поголемо присуство на американски нафтени компании на македонскиот пазар, зајакнувањето на стабилноста и конкуренцијата, како и унапредувањето на енергетската безбедност. Дополнително, беа разгледани и потенцијалите за понатамошен развој на енергетскиот сектор преку нови инвестиции и партнерства – соопштија од Министерството за енергетика.
Божиновска истакна дека државата е отворена за нови партнерства кои ќе обезбедат стабилно снабдување и ќе придонесат за поконкурентен и поотпорен енергетски пазар.












