Зимската маркација беше дел од проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во Македонија“.  Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето кои работеа Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници се наведува во соопштението на здружението за одржлив развој САТ

Здружението за одржлив развој – САТ од Скопје информира дека повеќе од 45 од вкупно 112 новопоставени столбови за зимска маркација на патеката, на релација Попова Шапка – Титов Врв, долга 11 километри, се уништени, оштетени или отстранети.

Овој вид зимска маркација била поставувана во периодот од ноември 2025 година до крајот на јули 2026 година, со учество на повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од општините Тетово и Боговиње, кои, според организацијата, во исклучително тешки планински услови вложиле значителен број работни часови во транспортот, подготовката и поставувањето на опремата.

Финансиската вредност на штетата се проценува на најмалку 8.000 евра (500.000 денари).

– Зимската маркација беше дел од проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во Македонија“.  Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето кои работеа Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници – се наведува во соопштението на здружението за одржлив развој – САТ.

Притоа, објаснуваат дека во услови на снег, магла, силен ветер и намалена видливост, летната маркација честопати е покриена или воопшто не е видлива.  Во тој случај, зимските столбови претставуваат клучни точки за ориентација и следење на безбедната маршрута.

– Кога маркацијата исчезнува, не исчезнува само еден столб. Исчезнува точката што може да му покаже на човекот каде да продолжи кога планината околу него веќе не е препознатлива – наведуваат од здружението.

Додаваат дека столбовите на зимската маркација се означени со црвена и жолта боја бидејќи, како што велат, овие бои обезбедуваат најсилен визуелен контраст на зимски терен, практика што се применува во многу европски планински региони и е застапена и во националните правила за планинарски патеки.

Според здружението, уништувањето на планинарската маркација воедно претставува уништување на туристичка инфраструктура неопходна за развојот на планинскиот и активниот туризам.

– Тоа директно се спротивставува на целта на Националниот парк „Шар Планина“ и локалните општини, прекрасната Шар Планина да ја направат атрактивно, одржливо и безбедно место за посетителите, кое ќе придонесува за локалниот економски развој и ќе биде од корист за селата во околината. Уништувањето дополнително ги доведува во прашање меѓународниот ангажман и поддршка – велат од здружението.

Случајот е пријавен во полициската станица Попова Шапка. На 19.08.2026 година, стручен тим на полицијата, во присуство на претставници на Националниот парк „Шар Планина“, извршил увид на теренот и ги документирал локациите на кои било утврдено оштетување и отстранување на опремата.

– Очекуваме надлежните институции да ги утврдат сите околности и да постапат согласно со законот, со сериозни последици за оние што го сториле ова кривично дело. Ова е штета за целата планинарска заедница, за Националниот парк „Шар Планина“, за планинарите, туристите, водичите, спасувачите и за сите што ја користат планината – нагласуваат од здружението.

Оттаму апелираат до сите посетители да ја почитуваат и да ја заштитуваат планинарската инфраструктура и секое оштетување или отстранување на маркацијата да го пријават кај надлежните институции.

Нагласуваат дека планинарската маркација не е само столб или знак – во услови на снег, магла и невреме, таа може да ја направи разликата помеѓу безбедното враќање и губењето во планината, што може да заврши со сериозни и несакани последици.

 

ИЗДВОЕНИ