Термални извори, црвени карпи и плажа во Уругвај – ова се дестинациите што, според Expedia, сите ги бараат во пресрет на претстојната година. Ако вашите планови за патување во 2027 година сè уште не се дефинирани, Expedia заврши голем дел од работата за вас, пренесува Time Out.
Оваа голема платформа за патувања ги анализираше податоците за пребарување летови и хотели од изминатата година, со цел да ги идентификува дестинациите што стануваат сè попопуларни за патување во годината што доаѓа.
На прво место се наоѓа Саут Лејк Тахо, Калифорнија, каде што обемот на пребарувања е зголемен за 195 отсто – речиси тројно повеќе во споредба со претходната година.
Листата е дел од извештајот „Unpack ’27“ („Отпакувај ја ’27-ма“), објавен од Expedia и Hotels.com. Таа се заснова на порастот на пребарувањата за летови и сместување на веб-страницата на Expedia во периодот од 1 септември 2025 до 27 јули 2026 година, во споредба со истиот период претходната година.
Шест од десетте дестинации ја добија и ознаката „Expedia Smart Travel Health Check“. Овој концепт, воведен минатата година и инспириран од принципите на Светскиот совет за патувања и туризам (World Travel & Tourism Council), ги издвојува локациите што нудат изобилство културни и природни атракции – без огромните гужви карактеристични за најпосетуваните градови во светот.
„Во 2027 година, патниците ќе бидат попребирливи во однос на својата следна авантура, барајќи искуства што се полични и имаат поголемо значење за нив“, изјави Аријан Горин, извршен директор на Expedia Group, во соопштение за јавноста.
View this post on Instagram
Саут Лејк Тахо се наоѓа на брегот на најголемото алпско езеро во Северна Америка, што го прави атрактивна дестинација како во зима – кога посетителите можат да скијаат – така и во лето, кога се популарни активности како кајакарење и веслање на даска (paddleboarding).
За споредба, на врвот на минатогодишната листа беше Биг Скај, Монтана, каде што обемот на пребарувања се зголеми за 92 отсто.
На второ место е Хјого, Јапонија, каде што пребарувањата пораснаа за 95 отсто. Expedia ја опишува оваа префектура како „една од помалку познатите дестинации во Јапонија, која на едно место спојува крајбрежје, планини и замоци“. Таа, исто така, го доби признанието „Smart Travel Health Check“ (Проверка за безбедно и паметно патување).
Во овој регион се наоѓаат пристанишниот град Кобе, замокот Химеџи (кој е дел од светското наследство на УНЕСКО), познатите топли извори „Арима Онсен“ – прочуени низ цела Јапонија – како и островот Аваџи.
Третото место му припадна на Пунта дел Есте во Уругвај, каде што е забележан пораст од 65 отсто во пребарувањата. Овој гламурозен туристички град се наоѓа на полуостров, чие крајбрежје е поделено на две страни: „Брава“ (што значи „див“) и „Манса“ (што значи „мирен“).
Негов најпрепознатлив симбол е La Mano („Раката“) – голема скулптура од прсти што излегуваат од песокот на плажата Брава. На околу 13 километри оттаму, во Пунта Баљена, се наоѓа „Касапуебло“ – бел комплекс со необични форми, кој функционира делумно како музеј, а делумно како хотел. Го изградил уругвајскиот уметник Карлос Паез Виларо.
На четвртото место е Седона, Аризона, каде што бројот на пребарувања е зголемен за 55 отсто. Оваа дестинација е позната по своите јога-центри, патеки за пешачење, спа-центри и пејзажи со карактеристични црвени карпи.
Петтото место го зазема Бусан, Јужна Кореја, каде што е забележан пораст од 50 отсто. Овој пристаништен град, сместен на југоисточниот брег на земјата, е најпознат по своите плажи и филмскиот фестивал, како и по тоа што е место на дејствување во популарниот филм за зомбија, „Воз за Бусан“. Двете дестинации го добија признанието „Smart Travel Health Check“.
Најдобри дестинации на годината според Expedia за 2027 година:
Саут Лејк Тахо, Калифорнија, САД
Хјого, Јапонија
Пунта дел Есте, Уругвај
Седона, Аризона, САД
Бусан, Јужна Кореја
Холбокс, Мексико
Перуџа, Италија
Твид, Нов Јужен Велс, Австралија
Нијагара-он-де-Лејк, Канада
Чичестер, Обединето Кралство












