Грешка на пилотот при внесување код најверојатно предизвикала тревога за киднапирање на патнички авион на турската компанија Корендон ерлајнс“ („Corendon Airlines“), што довело до затворање на аеродромот во Нирнберг во вторникот, соопшти денеска германската полиција.
Според прелиминарните резултати од истрагата, пилотот имал намера да го внесе транспондер-кодот 7600 – кој означува дефект во радио-комуникацијата – но по грешка го внел кодот 7500, кој сигнализира киднапирање.
Радио-уредот во авионот „Боинг 737-800“ на турската компанија бил неисправен, поради што екипажот бил недостапен по полетувањето од грчкиот остров Крф; во полициското соопштение се наведува дека пилотот „очигледно не ја сфатил грешката“ и не е под истрага, бидејќи властите сметаат дека неговите постапки биле ненамерни.
Воени авиони го придружувале леталото низ хрватскиот воздушен простор, австриски ловци-пресретнувачи биле ставени во состојба на подготвеност, а потоа два германски авиони „Еурофајтер“ го придружувале леталото до Нирнберг. За време на тревогата, на аеродромот биле распоредени полициски тим обучен за преговори во ситуации со заложници и баварска единица за поддршка.
Полицијата го затворила аеродромот во Нирнберг во вторникот поради сомневање за вонредна ситуација во воздушниот сообраќај, но проверките покажале дека нема опасност, пренесува „Танјуг“.
Полициската интервенција се случила непосредно пред слетувањето на летот на „Корендон ерлајнс“ од грчкиот остров Крф, кој требало да пристигне во Нирнберг околу 12:15 часот.












