четврток, февруари 5, 2026
Дома БАЛКАН Осумдесетгодишен поранешен камионџија в понеделник ќе биде сослушан за убивање луѓе...

Осумдесетгодишен поранешен камионџија в понеделник ќе биде сослушан за убивање луѓе од задоволство во Сараево. Тој е првиот снајперист идентификуван од Обвинителството во Милано во случајот „викенд снајперисти“

165

В понеделник, на 9. овој месец, во Обвинителството во Милано ќе биде сослушан 80-годишен маж, за кого постои сомнеж дека е еден од луѓето што плаќале за да убиваат од забава во Сараево, кога беше градот под опсада на босанските Срби, во периодот од 1992 до 1995 година.

Овој поранешен возач на камион од покраината Порденоне, за чиј идентитет не е соопштено, според агенцијата АНСА, е првиот осомничен во истрагата што стана позната во светот како „Сараево сафари“ или „Викенд-снајперисти“. Според информациите добиени во истрагата што ја води Групата за специјални операции (РОС) на карабинерите, под координација на јавниот обвинител Алесандро Гобис во Обвинителството во Милано, предводено од Марсело Виола, нему во средата му била доставена покана за сослушување.  Италијанскиот весник „Ил Џорно“ пишува дека тој возел камион за компанија за преработка на метал, а бил повикан за сослушување под обвинение дека „во соучесништво со други, засега непознати лица“, во спроведувањето на „тој злосторнички план, предизвикал смрт на невооружени цивили, вклучувајќи жени, стари лица и деца, пукајќи со прецизни пушки од ридовите околу Сараево, помеѓу 1992 и 1995 година“. Делото е квалификувано како „убиство од ниски побуди“, пренесе Н1.

„Ил Џорно“ пишува дека тој наводно се фалел дека во тој период одел на „лов на луѓе“ во Сараево, што произлегува од сведочењето собрано во истрагата. Врз основа на кажаното во текот на сослушувањето на сведоците, истражителите и обвинителите го идентификувале 80- годишниот камионџија и решиле да го запишат во регистарот на осомничени за свесно континуирано убиство, односно за повеќекратни  епизоди, па да го повикаат на сослушување на 9 февруари. Бил извршен и претрес во неговата куќа, при што истражителите на карабинерите на РОС пронашле седум легално поседувани оружја: два пиштола, една карабина и четири пушки.

Истрагата беше поведена во Милано, пред неколку месеци, по кривична пријава поднесена од писателот и новинар Ецио Гавацени, со помош на адвокатите Никола Бриџидо и Гвидо Салвини. Во барањето, Гавацени се повикува на изјавите на Един Субашиќ, поранешен агент на босанските безбедносни служби, според кои босанските служби ги информирале своите италијански колеги на почетокот од 1994 година дека „туристички стрелци“ што учествуваат во овие „сафарија“ тргнуваат од Трст. Италијанските служби наводно ги „прекинале“ тие „страшни сафарија“, според АНСА.

Субашиќ, исто така, тврдеше дека може да има документи што потврдуваат за контактите меѓу босанските и италијанските агенти, вклучувајќи и можна идентификација на сторителите. Истрагата се потпира и на извештаите на поранешната градоначалничка на Сараево, Бенџамина Кариќ, која посочи на најмалку пет лица споменати или опишани во документарецот „Сараево сафари“ на словенечкиот режисер Миран Жупанич, од 2022 година. Истражителите, исто така, сега ги проверуваат и архивите на воената разузнавачка служба АИСИ, како и документи на меѓународните правосудни тела.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ