Белгискиот премиер Барт де Вевер во понеделникот изјави пред белгискиот парламент дека предлозите на Европската Унија за тоа како да се финансира Украина во 2026 и 2027 година за да ѝ се помогне во борбата против руската агресија сè уште се ревидираат.
Тој повтори дека Белгија работи во рамките на НАТО, Европската Унија и таканаречената „Коалиција на волјата“ за да ја зголеми поддршката за Украина, објави Ројтерс.
Одобрувањето на помошта за Украина доаѓа во време кога лидерите на ЕУ се обидуваат да ја демонстрираат силата на европските земји откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека ЕУ е слаба.
ЕУ има намера да искористи 210 милијарди евра замрзнати руски средства како основа за заем за Украина, бидејќи без финансиска помош, Украина ќе остане без пари во вториот квартал од следната година и најверојатно ќе ја изгуби војната од Русија, што предизвика стравувања во ЕУ од можна руска агресија против ЕУ, објави Ројтерс претходно.
За таква одлука е потребен договор од 27-те земји од ЕУ, но Унгарија, пријателски настроена кон Москва, веќе објави дека ќе стави вето на неа.
Друга опција би била секоја земја од ЕУ да собира пари на пазарот и да ги предава на Киев, но тоа би значело зголемување на веќе високите нивоа на долг и дефицит и недостаток на долгорочна финансиска сигурност за Украина.
За да можат да ги користат замрзнатите руски средства, лидерите на ЕУ прво ќе треба да ја убедат Белгија, која држи 185 милијарди евра од 210-те милијарди евра замрзнати во Европа, дека нема да биде оставена сама на себе ако Русија поднесе тужба во меѓународни судови.












