Капацитетот на основното училиште „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров ќе се зголеми за прием на плус 180 ученици, со шест нови училници. Ова ќе биде овозможено со доградбата, чија изградба почна денеска.
Почетокот на градежните работи го означија премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Со ова, како што кажа Стојкоски, се обезбедува современ и функционален простор за одвивање на наставата. Освен шест нови училници, ќе има и нов влез во училиштето, а објектот ќе функционира на површина од 706 квадратни метри.
– Овој проект ќе овозможи премин кон едносменска настава, намалување на метежот во училниците, како и подобрување на квалитетот на образовниот процес – нагласи Стојкоски.
Средствата за проширување на капацитетот на основното училиште „Страшо Пинџур“ во износ од 36,7 милиони денари, како што кажа министерката Јаневска, се обезбедени од Министерството за образование и наука.
– Воведувањето едносменска настава во училиштата е цврста заложба на Владата и на Министерството за образование и наука, затоа што придобивките се бројни – децата се поконцентрирани кога часовите се одвиваат наутро. Се задржуваат повеќе на училиште, што е многу важно со оглед дека нашите ученици имаат 900 часа помалку во споредба со европските врсници до 15-годишна возраст. Понатаму, се овозможува поголема социјализација и се намалуваат трошоците за работа на училиштата – рече Јаневска.
Таа информираше дека минатата година едносменска настава имало во 150 училишта, додека годинава е воведена во 200.
Премиерот Мицкоски наведе дека овој тип инвестиции се многу значајни за квалитетот на образованието на како што кажа „нашата иднина, а тоа се децата“.
– Ние, како Влада, ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип проекти. Има уште неколку вакви проекти во периодот што следува. Секогаш сум тука да ги поздравам овие проекти и да ги поддржиме. Така било, така и ќе биде и во иднина – заклучи Мицкоски.
(А. П.)












