ОСМИОТ ИЗБОР НА ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ НЕ ЗНАЧИ САМО ИЗБОР НА НОВИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И СОВЕТНИЦИ: Ќе се запаметат ли овие избори како почеток на крајот на „етничкото гласање“?

95

Тековните локални избори кои задутре ќе финишираат со одржувањето на вториот изборен круг имаат шанса да бидат запаметени како избори кои ќе означат почеток на крајот на „етничкото гласање“ во македонскиот и во албанскиот гласачки корпус. За дефинитивна потврда на ова оценка, сепак, ќе треба да се почека крајот на гласањето, посебно во етнички мешани општини какви што се Кичево, Тетово, Брвеница, Струга, Дебар… каде што од изборните резултати ќе може да се види дали се случила таква промена. Но, она што се случувало во првиот круг на гласањето е силен знак за еден таков тренд кој е многу поголем од она што се случувало како гласање од страна на етничките Македонци и Албанци. Отпори и натамошно опстојување на „етничкото гласање“ има, ваква е оценката на политичките аналитичари по сето она што се случувало во текот на изборната кампања, но и како резултат на гласањето.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски за ВЕЧЕР вели дека процесот на надминувањето на етничкото гласање треба да се поздрави.

– Сметам дека, конечно, по 35 години повеќепартиска демократија, апсолутно треба да зачекориме во правец на идеолошко надетничко гласање. Ако ова значи договор меѓу двете коалиции во власта ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, тоа треба да се поздрави, но да биде искрена заложба и за во иднина – нагласува Атанасоски.

Тој додава дека ќе биде посебно важно во недела вечер да се види дали гласачите ќе гласаат надетнички, особено во општини како Кичево и Брвеница.

– Зашто тука е битката кој градоначалник од која етничка припадност да победи, а не од која партија /коалиција – објаснува Атанасоски.

Познато е дека во изборната трка во Кичево, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, со освоените 11.682 гласа има значителна предност во однос на Дехари, кој има 5.586 гласа, но се води битка за гласовите на отпаднатите кандидати, Фатмир Лимани од „Вреди“ – 4.164 и од независниот Шкодран Алили со 4.006 гласа. Односно, клучен збор во изборот на победникот ќе имаат гласовите на етничките Албанци во овој град. Коалицијата „Вреди“, партнер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ги повика своите гласачи „да не гласаат за Фатмир Дехари“, а што беше индиректна порака да се гласа за етнички Македонец Јовановски. Во Брвеница, пак, во решавачкиот дуел се Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ со 3.388 гласа и Хаќим Рамадани од „Вреди“ со 2.021 гласа. Рамадани деновиве даде провокативна и скандалозна најава за изборна соработка со кандидатот на опозициската ДУИ, Енвер Пајазити, кој има 1.147 гласа. Целта е, како што рече Рамадани, по секоја цена во Брвеница да победи Албанец, за „да се знае кој е газда на својата земја“. Но, од ваквата изјава на Рамадани се огради еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, Билал Касами, кој истовремено се повлече и од својата изјава дека во Кичево „ќе го поддржи Фатмир Дехари оти е етнички Албанец“. За возврат, за гласовите кои во Кичево и во Брвеница се очекуваат од албанските гласачи, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе ги поддржат кандидатите – Албанци во Тетово, Струга, Дебар и други општини.

Инаку, во неколку изборни циклуси во минатото имаше изборна соработка меѓу партиите од македонски и албански корпус, како на парламентарните, така и на претседателските избори.

И аналитичарот, Љуљзим Фаризи, за весникот ВЕЧЕР оценува дека на планот на надминувањето на „етничкото гласање“ се случуваат големи чекори.

– Политичката соработка меѓу македонските и албанските политички партии во минатото одеше по принципот „тргни-застани“ бидејќи секоја од партиите се плашеше од губењето на гласовите во својот национален изборен кампус. Дури во неколку последни изборни циклуси македонските и албанските кандидати успевале скришно да добиваат гласови таму каде што нивната етничка заедница не е во мнозинство. Но, голем чекор се прави на овие избори, посебно од страна на ВМРО-ДПМНЕ, која ја промовира соработката со коалицијата „Вреди“ – објаснува аналитичарот Фаризи.

Тој додава дека и покрај очигледниот тренд, сепак, има политички сили кои и натаму сакаат да го продлабочат јазот меѓу македонскиот и албанскиот народ.

– Тие се водат од тесно лични интереси, но трендот што постои покажува дека тие губат бидејќи нема поголема сила од целиот народ. Овие избори покажуваат дека албанските и македонските гласачи можат да бидат сплотени ако добијат добра понуда и квалитетни кандидати – нагласува аналитичарот Фаризи.

И премиерот Христијан Мицкоски во текот на кампањата реагираше на повиците за „етничко гласање“ во Кичево и Брвеница, а кои првично беа упатени од страна на Билал Касами и од Хаќим Рамадани.

– Сакам да кажам дека ниту еден од нас ги нема гласовите во својот џеб и дека поддршката треба да се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност и разлики. Секој што зборува за поделби, посебно етнички поделби, не само што не е добредојден мој соговорник туку тој не му мисли добро ниту на Македонецот ниту на Албанецот ниту на сите други останати делови на народи кои се наши сограѓани во Македонија – нагласи Мицкоски.

Во текот на изборната кампања имаше големи реакции околу кампањата што ја водеше опозициската ДУИ, а што се врзуваше за реториката од минатото и без повици за заедничка соработка меѓу македонските и албанските партии. Оттаму, аналитичарот Атанасоски предупредува дека Македонија сè уште не ја надминала поделеноста во општеството.

– Затоа, со жалење ќе констатирам дека Македонија сè уште е длабоко поделено општество во кое етничката припадност е доминантна во наративот на македонската политичка сцена – вели аналитичарот Атанасоски за весникот ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ