Само неколку дена откако крадци украдоа осум парчиња француски кралски накит од Лувр за неколку минути, поранешен ограбувач на банки вели дека пред неколку години ги предупредил музејските службеници за очигледните безбедносни пропусти, вклучувајќи ги и витрините покрај прозорците свртени кон улицата, за кои вели дека биле „мачкина кашлица“ за крадците.
Дејвид Дескло, кој сега е стендап комичар, за „Асошиејтед прес“ зборува за тоа што бил некогаш – професионален крадец кој знаел како да ги стивне алармите. Тој вели дека во 2020 година, кога на покана од Лувр учествувал во интерен поткаст за историската кражба од 1792 година, посочил на ризичните прозорци и на витрини во близина на галеријата „Аполо“. Тогаш, на службеникот за продукција на поткастот му рекол: „Ги гледате ли тие прозорци? Мачкина кашлица. Можете да замислите што би било. Маскирани луѓе, кои влегуваат низ прозорците. Има многу начини да се влезе низ нив, па дури и низ покривите.
Дрексло тврди дека ги дал тие забелешки откако го снимил поткастот, но не сакал јавно да ги каже.
– Не можев да кажам во поткастот: „Еве како да се провали“. Тоа би им дало идеја на многу луѓе, забележа тој.
Властите објавија дека на 19 октомври, двајца крадци во рефлектирачки елеци го скршиле прозорецот на галеријата „Аполо“ и ги отвориле витрините со електрични алати. Осум парчиња кралски накит, за кои во некои извештаи се проценети дека вредат повеќе од 100 милиони долари, исчезнале за неколку минути. Деветтиот предмет, дијамантската круна на царицата Евгенија, бил пронајден надвор, оштетен. Полицијата уапсила двајца осомничени, додека другите биле во бегство.
– Точно како што предвидов. Влегоа низ прозорците. Дојдоа, зедоа и си заминаа, рече Дескло.
Меѓу најслабите точки, тој ја наведува реконструкцијата на витрините во галеријата „Аполо“ во 2019 година. Тврди дека старите витрини биле дизајнирани така што во случај на напад, вредните предмети би биле спуштени на безбедно место, додека новите не се такви и ги оставаат предметите на дофат.
– Неразбирливо е што ги смениле витрините и на тој начин го оставиле накитот на дофат на крадци, вели тој.
Лувр се спротивстави на таквите критики, тврдејќи дека новите витрини се побезбедни и во согласност со современите стандарди.
Дексло пораснал во Кан, Нормандија. Почнал да краде храна како дете, потоа се префрлил на продавници и банки и се специјализирал за оневозможување на алармни системи. Кон крајот на 1990-тите, како што вели, тој и неговите помагачи поминале месеци копајќи низ канализациските цевки на градот за да стигнат до трезорот на банката „Сосиете Женерал“ за Божиќ. Денес, како стендап комичар, вели дека црпи материјал од сопственото криминално минато. Тој нагласува дека и покрај неговото озлогласено минато, нема сознанија за моменталниот грабеж во Лувр.
Советот на Дескло е јасен: оригиналите треба да бидат во трезорот, а репликите треба да бидат прикажани на јавноста.
– Вистинските скапоцености треба да бидат во Банката на Франција, рече тој.
Според француските медиуми, по грабежот, другите парчиња од кралските скапоцености навистина биле преместени во трезорите на централната банка, каде што биле складирани заедно со златните резерви и со тетратките на Леонардо да Винчи.
– Требаше да ме послушаат, заклучува Дескло.












