Општина Кисела Вода го отстапува бесплатно на користење просторот во кругот на општината на здружението „Гласот на тишината“, кој е адаптиран за одвивање на активностите на ова здружението. Општината ќе ги покрива и трошоците за одржување на просторот и ќе назначи координатор за комуникација.
Ова произлегува од меморандумот за соработка кој денеска го потпишаа градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и претседателката на здружението „Гласот од тишината“, Амела Мемиш, со кој се воспоставува партнерство за континуирана и стручна поддршка на деца и млади со попреченост и нивните семејства.
Здружението за личен развој, едукација и психолошка помош и поддршка „Гласот од тишината“ ќе обезбедува бесплатни услуги за деца и нивните семејства, вклучувајќи индивидуална и групна психолошка поддршка, советувања, едукативни работилници, како и дидактички материјали и поддршка за психофизички развој. Активностите ќе бидат спроведени од сертифицирани стручни лица.
-Денешниот потпис на меморандумот со здружението „Гласот од тишината“ е повеќе од формалност – тој е залог за инклузивност, грижа и достоинство. Обезбедуваме не само простор, туку и поддршка која значи многу за децата со попреченост и нивните семејства. Кисела Вода останува да биде општина што вложува во секој човек, посебно во оние на кои им е најпотребна нашата подадена рака-изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
На денешната средба, присуствуваа и други претставници на здружението, меѓу кои и сопругата на амбасадорот на Словачка, која е активно вклучена во хуманитарните и социјалните активности на „Гласот од тишината“. Во знак на благодарност за досегашната несебична поддршка и вложувањето во подобрување на условите за живот на лицата со попреченост, словачката амбасада му додели благодарница на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.