На поранешен оператор со уреди за следење на говорот во Белата куќа му е наложено да плати повеќе од 172.000 долари поради користење доверливи информации за обложување на говорите на американскиот претседател Доналд Трамп. Утврдено е дека Габриел Перез тргувал на платформата „Калши“ (Kalshi) во периодот од декември 2025 до февруари 2026 година, врз основа на претходно познатата содржина на претседателските говори, пренесува Би-би-си.
Мора да врати повеќе од 100.000 долари и да плати парична казна
Американската Комисија за тргување со фјучерси на стоки (CFTC), која го надгледува тргувањето со фјучерси, објави дека Перез мора да врати 107.539 долари од остварената добивка и да плати дополнителни 65.000 долари како казна. Во деталите од спогодбата објавени во петокот, CFTC наведе дека Перез ја злоупотребил својата информираност за говорите на Трамп и ја прекршил обврската за чување доверливи информации. Неговата казна била намалена поради неговата „соработка“ за време на истрагата. Покрај паричната казна, му било изречено и тригодишна забрана за тргување.
Како беше откриен
„Калши“, платформа за пазари за предвидување каде што корисниците се обложуваат на исходите од реални настани, претходно извести дека нивните аналитичари забележале невообичаена активност во март.
Сомнителните трансакции биле забележани на таканаречените „пазари за спомнување“ (mention markets), каде што корисниците предвидуваат дали говорникот ќе употреби одредени термини, како што се имиња на земји или специфични зборови. Со анализа на податоците од сметката, тие откриле дека корисникот е федерален службеник кој управува со уредите за следење на говорот во Белата куќа, по што го пријавиле случајот кај регулаторот.
Главниот правен директор на „Калши“ (Kalshi), Боби ДеНолт, ја поздрави одлуката во објава на платформата X. „Не е важно кој сте: ако ги прекршите нашите правила или федералниот закон, ќе се соочите со последици“, изјави тој. Белата куќа сè уште нема издадено официјален коментар. Во јули, тогашната портпаролка Каролин Левит изјави дека Перез е на неплатено отсуство и нема да се врати на својата функција.
Истиот месец, Канцеларијата за администрација на Белата куќа испрати допис до вработените со кој им се забранува да се обложуваат на пазарите за предвидување – потег што претставници на администрацијата го потврдија за CBS News. Уште во јули, „Калши“ истакна дека зборовите на политичките лидери можат да предизвикаат значителни поместувања на финансиските пазари. „Зборовите на политичките лидери, како што се претседателот или претседавачот на ФЕД, предизвикуваат промени вредни милијарди долари на пазарите на валути, нафта и акции“, соопшти компанијата во тоа време.












