Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) објави предупредување за бактерии од родот Vibrio. Иако до неодамна беа карактеристични за Балтичкото Море, поради глобалното затоплување и зголемувањето на температурата на морето, сега се појавуваат почесто во Северното Море, па дури и во затворените базени низ Европа.
Овие бактерии природно живеат во солени крајбрежни води, каде што се мешаат свежата и солената вода, а идеални услови за нивно размножување се високите температури и пониската соленост.
„Ваквите услови стануваат сè почести во делови од Европа како резултат на климатските промени“, истакнува ECDC.
Болеста позната како вибриоза може да предизвика сериозни здравствени компликации. Најчесто се пренесува на два начина: со консумирање сурова или недоволно зготвена морска храна, особено остриги, или со пливање во контаминирана вода со отворена рана на телото, како што е посекотина.
Луѓето со ослабен имунолошки систем и оние со хронични заболувања на црниот дроб се особено изложени на ризик. Кај нив, инфекцијата може да доведе до тешки последици како што се сепса, инфекција на крвотокот, некротизирачки фасциитис (тешки инфекции на меките ткива), а во најтешките случаи, исходот може да биде ампутација на екстремитетот.
Иако ЕЦДЦ наведува дека ваквите инфекции остануваат „релативно ретки“ во Европа, податоците од северните земји долж Балтичкото Море покажуваат загрижувачки тренд на пораст, особено во текот на летото со изразени топлотни бранови.
На пример, во текот на летото 2018 година со рекордни температури, регистрирани се дури 445 случаи на вибриоза. Ова е повеќе од трипати повеќе од годишниот просек од 126 случаи регистрирани помеѓу 2014 и 2017 година. Експертите од агенцијата предупредуваат дека вистинскиот број е веројатно поголем бидејќи многу случаи не се пријавуваат.
Како да се заштитите?
За да се минимизира ризикот од инфекција, ECDC советува да се избегнува консумирање на сурови школки и темелно да се готват сите морски плодови. Лицата со отворени рани, посекотини или свежи пирсови треба да избегнуваат пливање во соленкаста или солена вода, а доколку тоа не е можно, важно е раната да се заштити со водоотпорен завој.
Агенцијата ги повикува граѓаните да бидат свесни за ризиците и да се обратат на лекар доколку забележат какви било симптоми по пливање или консумирање морска храна.