Онлајн трансакциите во првите шест месеци пораснале за 34,3 отсто

8

Во првите шест месеци годинава реализирани се онлајн трансакции во вредност од 456.3 милиони евра, што претставува пораст од 34,3 отсто споредено со минатата година. Со македонски картички кон македонски е-трговци се реализирале 231.1 милиони евра и остварен е пораст од 19,7 отсто. Бројот на реализирани трансакции од Македонци кон странски е-трговци се зголемил за 75 отсто, додека вредноста за 55 отсто. Просечната трансакција на Македонците кон странските е-трговци се намалила за 11,3 отсто.

Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше најновите податоци за трансакции на места на продажба за е-трговија на Народната банка, согласно со кои може да се забележи дека во првата половина од 2025 година, вредноста на вкупните трансакции направени кон е-продажни места од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 28,060.7 милиони денари или 456.3 милиони евра, што претставува пораст од 34,3 отсто во однос на истиот период минатата година.

Кон македонските е-трговци биле направени онлајн трансакции во вредност од 255,1 милиони евра од домашни и странски иматели на платежни картички, односно остварен е пораст од 21,4 отсто. Притоа од македонски иматели на платежни картички кон домашните е-трговци е направена вредност од 14,211.1 милиони денари или 231.1 милиони евра, што преставува пораст од 19,7 отсто, додека од странци е направена вредност од 1478.2 милиони денари или 24 милиони евра со пораст од 40,8 отсто во однос на истиот период минатата година.

Од друга страна, Македонците во странство направиле онлајн трансакции во вредност од 12,371.4 милиони денари или 201.2 милиони евра, односно 55,1 отсто пораст во однос на истиот период минатата година.

Вкупната вредност на онлајн трансакции е остварена со направени 13.8 милиони трансакции што преставува пораст од 33,8 отсто. Најголем пораст на бројот на онлајн трансакции има кон странските е-трговци остварени од домашни платежни картички, односно направени се 6.1 милиони трансакции, или за скоро 75 отсто повеќе во однос на минатата година.

– Податоците од анализата јасно укажуваат дека е-трговијата во Македонија продолжува со позитивен тренд, со континуиран пoраст и на вредноста и на бројот на онлајн трансакциите. Посебно се издвојува значителниот пораст кај трансакциите кон странските е-трговци, каде што бројот расте побрзо од вредноста, што говори за почести нарачки, но со помала вредност. Овој тренд најмногу се поврзува со појавата на платформата „Тему“, која со својата широка понуда, со ниските цени и со бесплатната достава дури и за најмали нарачки, за кратко време привлече голем број купувачи. Ефектот на „Тему“, која има илјадници нарачки дневно, целосно се отсликува во овие податоци, со оглед на тоа што единствениот начин на плаќање кој се нуди на платформата е со платежна картичка. Во исто време, охрабрувачки е што и домашните е-трговци бележат стабилен пораст и во број и во вредност на трансакциите, што ја потврдува зголемената доверба на потрошувачите и постепената консолидација на домашниот пазар. Овие резултати се показател дека е-трговијата сè повеќе се развива и добива на значење, отворајќи простор за понатамошен пораст и за дигитална трансформација на економијата – вели претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков.

Просечната трансакција на вкупните онлајн трансакции изнесува 33.2 евра, скоро исто како и минатата година. Поголем раст на бројот на онлајн трансакциите во однос на вредноста на онлајн трансакциите е забележан кај купувањата од домашните иматели на платежни картички кон странски е-трговци, што доведува до пад на просечната трансакција од 11,3 отсто, со што оваа вредност е дури помала од просечната трансакција на домашните онлајн купувачи кон домашните е-трговци.

Во текот на првите 6 месеци од 2025 година се регистрирани 120 новоотворени онлајн продажни места, што претставува значаен показател за зголемена понуда и за заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот и да започнат со онлајн продажба.

 

 

ИЗДВОЕНИ