„Не знам што да мислам, го гледам кесето што треба да го примам и се прашувам дали е она вистинското“, вели повозрасна пациентка на клиниката за Онкологија која вчераутро ја сретнавме пред зградата во која четрири години се правело несовесно лекување со скапа терапија. Чувствата кај пациентите кои стојат пред големиот животен предизвик дали ќе се излекуваат од карциномот се измешани, страв, вознемиреност, сомнеж, но и задоволство од тоа дека сепак ќе има правда за оние што ја преживеале болеста, ама и за оние што починале. „Довербата е загубена“, се дел од коментарите на пациентите кои влегуваа по редовната терапија која тешко ја поминуваат. „Сè ќе се заборави и повторно истото, тука луѓето чекаат со саати да бидат примени“, пациентка разочарувачки гледа на случувањата.
Дури кај 65 медицински досиеја во периодот од 2018 до 2022 година обвинителството најде лекување со несоодветна терапија, сите имаат право на отштета бидејќи им се повредило уставното загарантирано право на здравствена заштита, надлежните обвинители преку здруженијата на пациенти болни од рак почнаа да ги контактираат пациентите или нивните семејства.
„На таа Клиника се оди за да си го продолжите животот, за ден плус. Ниедни пари нема да ги вратат починатите или здравјето на пациентите, но ние сметаме дека пациентите и семејствата на починатите треба да добијат отштета. За да се даде една завршница и да знаете дека немате вина, дека сте направиле сè за вас самите или за некој блиозк, но овие луѓе треба да бидат компензирани“, изјави Ана Марјановиќ, онколошка пациентка и членка на Здружението „Хемаонко“, по средбата со обвинителите.
Обвинителството отвори две обвиненија за случајот со злоупотребите на Онкологија и најави уште една истрага по извештај на Државниот завод за ревизија околу набавките на лекови.
Денеска од Основниот кривичен суд објавија дека за едно од обвиненијата, тоа за несовесно лекување и тешки дела против здравјето на луѓето, судот дал позитивно мислење што значи дека наскоро ќе има судење и на обвинителна клупа ќе седнат четворица лекари-онколози, меѓу нив и поранешниот директор Нино Васев кој, пак, е обвинет и во другиот предмет на ОЈО Скопје. Се чека одобрение уште за обвинението за злоупотреба на службената должност каде за штета од 2,2 милијарди денари се товарат ексдиректорите на клиниката, Васев и Нехат Нухи.
„Советот за оцена на обвинителниот акт, постапувајќи по обвинението со К – ООА 128/25 за случајот, во јавноста познат, како ‘Онкологија’, поднесен 22.05.2025 година, донесе решение со кое приговорот на одбраната се одбива, а актот се одобрува. По вака одобрениот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со К. бр. 1069/25 кој согласно АКМИС-системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, а штом биде насочен термин за главна расправа, истиот ќе биде достапен на календарот за судења на веб-страницата на судот“,соопштија денеска од Кривичниот суд.
„Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства, со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија со што тешко го нарушил здравјето на пациентите“, ги објаснија тешките дела на првообвинетиот од ОЈО Скопје.
Надлежните од Фондот за здравство уверуваат дека Клиниката за онкологија добила два пати поголем буџет и финансиите повеќе не можат да бидат проблем.
„Оно што сега во моментот се случува како недостаток на лекови е исклучиво заради дистрибутерски дефект, односно каде што дистрибутерите не можат да го испорачаат лекот. Значи, ние не сме изолирани, независен сад, ако е прекинато производството во содветната фабрика и го нема достапен лекот, најчесто се обидува да се позајми лекот од каде го има на залиха, меѓутоа некогаш го нема никаде така да се случуваат превремени дефектури. Во моментот нема ни еден лек кој недостасува, а за кој нема замена, бидејќи во основа клиниката се труди да пациентите бидат покриени цело време“ изјави директорот Сашо Клековски во интервју за РСЕ. (П.А.)