Ако земате додатоци на железо, можеби ќе сакате да обрнете внимание на тоа кога го пиете утринското кафе. Иако за многумина тоа е суштински дел од денот, кафето може да влијае на апсорпцијата на железото.
Затоа е важно да се направи доволен временско растојание помеѓу земањето на таблетата и пиењето на првата шолја кафе.
Ако пиете кафе кратко откако сте земале железо, вашето тело може да апсорбира значително помало количество од овој важен минерал.
За да се обезбеди максимална апсорпција на суплементите, експертите советуваат да се почека најмалку еден до два часа помеѓу земањето железо и пиењето кафе. Вообичаена практика е железото да се зема со вода веднаш по будењето, а кафето да се испие малку подоцна. Доколку не можете да се откажете од првото утринско кафе, се препорачува железото да го земате подоцна во текот на денот или пред спиење. Најважно е да воспоставите рутина на која ќе можете доследно да се придржувате.
Дури и ако сте ја зеле таблетата со утринското кафе, тоа не значи дека суплементот нема да делува. Вашето тело сепак ќе апсорбира одредено количество железо, но доколку нивоата во крвта не се подобрат, лекарот веројатно ќе ви предложи промена на навиките.
Како кафето влијае на апсорпцијата
Апсорпцијата на железо е сложен процес под силно влијание на храната, пијалаците и лековите присутни во дигестивниот систем. Одредени видови храна можат да му помогнат на телото поефикасно да го искористи железото, додека други можат да ја попречат неговата апсорпција.
Кафето содржи полифеноли – растителни соединенија што се врзуваат за железото во дигестивниот тракт, правејќи го помалку достапно за телото. Оваа интеракција првенствено влијае на нехемското железо, односно формата што се наоѓа во храната од растително потекло и во повеќето суплементи.












